ТУРСКАТА ЛИРА СЕ РАСПАДНА, ЗАТВОРЕНИ БИРОАТА ЗА РАЗМЕНА ВО ИСТАНБУЛ

Вести Истакнато

Валутната криза во Турција денес нагло се продлабочи, откако стана јасно дека нема надеж за неодамнешното решавање на споровите помеѓу Анкара и Вашингтон. Во рок од само еден ден лирата загуби најмалку 14% од вредноста, а десетици менувачници во Истанбул ги затворија вратите или разменуваат само до 100 долари, бидејќи немаат достапност на локалната валута, објавуваат светските агенции.

Ова е најголем пад за еден ден на националната валута на Турција од финансиската криза во 2001 година.

Падот дојде, откако преговорите помеѓу турските и американските официјални претставници завршија без успех. Анкара одбива да го предаде на Вашингтон американскиот пастор Ендрју Брансан кој е во домашен притвор во Измир. Турската страна го условува случајот на пасторот со барање за екстрадиција од американска страна на муслиманскиот проповедник Фетуллах Гулен, кој живее во Пенсилванија.

„Нашите односите со Турција сега не се добри! Штотуку дадов овластување за покачување на царината на челикот за 50 % и алуминиумот за 20% “, изјави на „Твитер“ американскиот претседател Доналд Трамп.