Утре започнува Интернационалниот фестивал на монодрама „Битола 2018“

Со претставата „Фигуре венерис хисторе“ на Горан Стефановски, во изведба на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, во режија на Наташа Поплавска, утревечер (11 мај), започнува 20-тото јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на монодрама „Битола 2018“…

Во рамките на ова јубилејно фестивалско издание, до 15 мај ќе бидат прикажани девет театарски претстави, од кои осум ќе бидат монодрами и ќе се натпреваруваат за наградата Гран при на фестивалот.

„Од денот на својот почеток до денес, фестивалот ги надминува своите граници и достигнува светски рамки, а потврда за тоа е членувањето на Фестивалот на фестивалскиот форум на монодрамски програми при УНЕСКО кое датира од 2003 година.

Фестивалот има натпреварувачки карактер и годинава жирито ќе го предводи доајенот на македонскиот театар и филм Коле Ангеловски, а заедно со него за најдобрите монодрами ќе одлучуваат Нина Мазур од Германија и актерката Весна Петрушевска“, соопшти Зоран Димовски, директор на НУ Центар за култура-Битола, домаќин и организатор на фестивалот.

Во натпреварувачкиот дел на фестивалот ќе настапат актерите Среќко Марчета од Босна и Херцеговина, Шовги Гусеинов од Азербејџан, Тјаша Ферме од САД, Матеуш Новак од Полска, Александер Аладишев од Русија, Михаил Милчев од Бугарија, Тарик Филиповиќ од Хрватска и Симона Спировска од Македонија.

„Интересот за учество на фестивалот беше голем и затоа одлучивме од различни држави да има само еден претставник натпреварувач. Основен услов за учество на фестивалот беше квалитетот и во Битола годинава ќе бидат изведени најдобрите монодрамски остварувања.

Најголем дел од учесниците минаа низ селективниот процес, а дел ги поканивме да учествуваат на јубилејното издание“, истакна актерот Петар Мирчевски, селектор на фестивалот.

Пред почетокот на свеченото отворање, во фоајето на Битолскиот театар ќе биде отворена изложба на фотографии „Низ фотографскиот светоглед“ од фоторепортерот Петар Ставрев.