ВИТЕЗИ ХОСПИТАЛЦИ – С. МАКЕДОНСКИ РЕД

Колку и да не сака човек да се надоврзува на цела оваа негативна атмосфера не може да биде рамнодушен на видеата и фотографиите од здравствените објекти кои се појавија на социјалните мрежи. На нив може да се видат објекти кои потсетуваат на средновековниот период, па не знам и што друго може да се очекува кога се во владение на нашите „витези хоспиталци”. Да не бидам погрешно разбран, не се однесува тоа на медицинскиот персонал кој и онака е во мал број, некои од нив дежураат и по цели денови и тоа без некоја соодветна заштитна опрема со оглед на ситуацијата, добар дел се во самоизолација, друг добар дел е веќе одамна низ светот и еден мал дел се заштитени како бели мечки, па не се обврзани да бидат вклучени во оваа „забава”. Е сето тоа е по заслуга на нашите „витези хоспиталци” кои според покажаното се мајстори од прв ред, па му се верни на тој што ги поставил. Малку е појасно зошто не се менливи и единствената промена е кој ќе биде министерот, а кој ќе му биде советник, па доколку се промени власта ќе си ја заменат улогата и се разбира во комбинација со нивните фармацевтски бизнис партнери со кои успешно ја одржуваат врската исто како подарениот воз. Епа затоа смрди господа „витези” кои години наназат управувате со ова министерство, смрдеата доаѓа од кај вас, истата смрдеа која се чувствува во руинираниот тоалет во инфективното оделение каде поставиле чадор за да не му течат фекалии на главата додека го употребуваат. Не е виновен медицинскиот персонал кој сте го оставиле на милост и немилост, уште помалку се виновни оние кои дошле да побараат помош од вас, затоа што токму вие сте одговорни за нивното здравје и живот. Ќе направам една паралела со случка која ми остави впечаток во истата таа болница каде пациент на креативен начин му се заблагодари на докторот и јавно го искажа своето задоволство од пристапот и професионалноста. Има министре голем дел од оние кои со гордост го носат белиот мантил, професионално и со љубов ја работат својата работа, барем пола да бевте како нив… не се тие дел од оние кои сте ги заштитиле и ја заборавиле хипократовата заклетва или се настрана од овај циркуз поради ароганцијата и
неспособноста… што и да е, јасно е дека се заслужни што му го зеле местото на оние поквалитетните кои не биле подмладокот или снашката на вашите партиски соборци и бизнис партнери.
Кога би биле барем малку поразлични можеби немаше да ги решавате проблемите со обојување на фасадата. Минатата година Ве поканив да видите како изгледа реалноста, па да ја видите еднонасочната улица на вашиот „регионален” ковид центар, истиот онај кој деновиве се споделува по социјалните мрежи… но сепак вашата цел е остварена, тендерчињата си течат за бекатони, за фасади, за набавка на лекови па макар и со поминат рок… уште и за новогодишно украсување не сте распишале, а фекалиите и тие нека течат на главите на пациентите.
Е смрди господине министер, но најважно е што граѓаните се спокојни и гледаат дека ситуацијата е „под контрола”.

loading...

Автор: Благојче Трајковски


loading...