Владата со уште еден апел до институциите: Пријавете ги службените возила во ДКСК
Два дена по истекот на рокот за пријавување на службените автомобили, Владата упати уште еден апел до институциите – возилата да бидат пријавени во Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).
Од Комисијата информираа дека до законски предвидениот рок – 18 август – од вкупно околу 6.500 возила со кои располагаат институциите, пријавени биле само 1.916.
ДКСК предупреди дека институциите кои не ги доставиле податоците ќе се соочат со прекршочни пријави:
„Доколку правните лица не достават податоци за бројот, видот, регистарската таблица и возната состојба на моторните возила со кои располагаат во предвидениот рок, ДКСК покренува прекршочна постапка во рок од 15 дена од истек на рокот за доставување на податоците.“
Евиденцијата има за цел да спречи злоупотреба на службените автомобили за партиски цели, особено во пресрет на локалните избори – пракса што со години наназад предизвикува критики во јавноста.
