ВЛАСТ VS КОРОНА
Куманово по број на заразени на број на жители е убедливо на прво место. Од вчера и градоначалникот и членови на локалната самоуправа ни се заразени, така да сега имаме и заразени политичари. И тоа истите оние што од 22 март бараат поригорозни мерки за Куманово. Бараат, но неуспешно.
Од мое лично име најискрено им посакувам побрзо оздравување на сите заразени од вирусот. Им посакувам што е можно побрзо да го совладаат вирусот и да се вратат на секојдневието и редовните работни задачи. Секој човек ни е неопходен во надминување и на оваа вонредна состојба со вирусот, но и подоцнежната економска рецесија и осиромашувањето на државата што ни претстои.
За градоначалникот целосна поддршка и желба што е можно порано да им се врати на своите сограѓани. Човекот најавуваше и бараше, но централната власт (сѐ уште истопартиска) немаше слух. Човекот секој ден беше со своите сограѓани и преземаше мерки на лице место, додека останатите на негова позиција ни кабинетите не ги напуштаат. Сепак неговите го кочат затоа што не им бил по волја на теснопартиските кругови. Немаше поригорозни мерки затоа што Максим Димитриевски го бараше тоа. Да беше друг, партиски војник по волја на раководството, ќе имаше мерки уште кога се појавија првите 10 заразени, но се создаде тло за масовна инфекција. Е сега кој ни е крив што секогаш сме контра централната власт.
Овој проблем кулминираше кога не посетија тројца од Владата. Сега му префрлаат што ги ставил во опасност нивните животи, иако ни самиот уште не знаел за резултатите. А кога бараше да се реагира повеќе за Куманово како најбрзорастечко жариште на вирусот, Владата упорно велеше дека е сѐ под контрола. Значи нешто се смени за само еден ден.
Како и да е, Куманово гордо оди по својот пат и самото избира, а не дозволува да му се наметнува волја од Скопје. Е тоа наше достоинство и пркос си ги плаќаме со години наназад. Ама нашата автономност и непотчинетост немаат цена.
Против природата одиме со свои сопствени сили. Куманово ќе издржи.
Автор: Перица Спасoвски, претседател на ГДУ-Куманово

