| |

Не со децении, Мицкоски може да чека и цел век

Џелал Хоџиќ

Вчерашната изјава на Мицкоски, во која вели дека Северна Македонија може да чека со децении за да го продолжи својот пат кон ЕУ, изгледа сосема искрена од негова страна. Му се гледа искреноста во очи. Сепак, таа изјава е многу проблематична ако се земе во предвид стратешката цел на државата – членство во ЕУ.

Впрочем, целта за членството во ЕУ не е случајна. Таа наша желба не е падната од небо. Таа желба е резултат на нашата определба да се обезбеди пристојно место за државата, позиција преку која државата ќе може сериозно да се развива, а граѓаните да добијат институции кои ќе овозможат услуги за пристоен и достоинствен живот.

Немам дилема дека Мицкоски со неговите партиски другари, заедно со олигарсите, од оваа позиција би можеле да чекаат уште децении за да ова држава направи исчекор кон ЕУ. Не децении, тие од овие позиции, со тие повилности, со таа моќ и надпросечни примања, како и со тие богатства, јас сум убеден дека можат да чекаат и цел век. До крајот на нивните животи. Сепак премиерот, владата, парламентарното мнозинство и олигарсите кои го поддржуваат треба да разберат дека овде не се работи за нивните судбини.

Затоа дене некој треба да им постави неколку прашања:

– Може ли да издржи обичен човек со најмалата минимална плата во сиромашниот регион во Западен Балкан?

– Како да издржи едно семејство со просечни плати од 1-ви до 1-ви, кога животот станува се поскап, а просечните платите помали дури од оние во БиХ, Србија и Црна Гора?

– Како да издржи едно социјално загрозено семејство, кога државата додека им тинтра на богатите олигарси, заборавила на најсиромашните? А државата има превземено уставна обврска да создаде систем на функционална социјална држава….

– Како да издржи еден обичен граѓанин, кога ходниците низ здравствените јавни услуги се претворени во пекол, а притоа нема да си дозволи да плати во приватните болници?

– Како родителите да обезбедат пристојно образование за своите деца? За елитата која повикува на изолационизам не му се мислам, како по правило, во огромно мнозинство, нивните деца се на скапи универзитети на Запад.

Огромна ароганција произведува моќта, на првиот ешалон од власта, како и на олигарсите. Немаат они никакво морално право на оваа држава да и наметнуваат изолационистички политики, ниту на овие граѓани да им ја кројат судбината да живеаат во “црни изолирани дупки” со најниски примиња во Западен Балкан.

Власта нема контакт со реалноста, како просечен човек и семејство преживува. Овие од власта Бога молат ништо да не се смени. Се вака да остане. Да трошат буџети во милијарди евра, без контрола, без владеење на право, со правила на игра кои важат за сите останати, освен за нив. И ова го прават дури и кога е јасно дека целата наша економија е поврзана и зависна од ЕУ.

Олигарсите исто така Бога молат да ја одржуваат ефтината работна сила и монополите, позиција која произведува огромни милиони екстра профит на нивните сметки. Па потоа мал дел од тие милиони ќе вложат во ним блиските партии и медиуми, да ја одржуваат оваа и за нив поволна ситуација.

Оваа изолационистичка политика е осудена на пропаст. Прашање е само на време. Таа ќе биде поразена од идејата за Северна Македонија како демократска држава, економоски развиена и интегрирана во ЕУ.

Треба некој од советниците да му шепне на премиерот и неговата екипа, филмот “Ако треба и корења ќе јадеме” одамна произведе трагичен крај на режимот на Милошевиќ. А не помина многу славно ниту режимот на Груевски додека ја изолираше државата од развиениот и демократски свет.

Слични Објави