Во Бугарија се пријавиле 11 компании за изработка на проектот автопатот Ѓуешево-Дупница, дел од Коридор 8
На јавниот повик за избор на изведувач за изработка на идејно-технички проект со детален распоред – план на парцела за изградба на автопатот „Ѓуешево – Дупница“ се пријавиле 11 компании од Бугарија, ова го соопшти Агенцијата за патна инфраструктура (АПИ) на Бугарија.
Се очекува автопатот да биде долг околу 62 километри и да биде готов во 2030 година. Проценетата вредност на нарачката за проект е 3,1 милиони лева без ДДВ.
Со спроведувањето на јавната набавка во фазата за идејно проектирање, ќе се разгледуваат алтернативни решенија за реализација на трасата помеѓу граничната точка „Ѓуешево“ и автопатот „Струма“, со проектна брзина од 120 км/ч.
По изработката на трасата ќе се спроведат соодветните еколошки процедури. По одлуката на надлежниот орган за животна средина, ќе може да се премине на изработка на техничкиот проект за одобрената траса, вклучувајќи го и проектот за Детален развоен план.
Терминот за изработка на проектот е 150 календарски дена од датумот на склучување на договорот и го вклучува само времето на проектирање.