За резолуцијата … и нејзиното a priori прифаќање
Пишува: Никица Корубин
Дали е прифатлив фактот дека станува збор за резолуција, производ на злоупотреба на три некомпатибилни институции (Универзитет, МПЦ и МАНУ)?Дали е прифатлив фактот дека содржи анахрони, ограничувачки и исклучиви позиции?
Дали е прифатлив фактот дека на овој начин се оневозможуваат, а не овозможуваат преговорите и со Бугарија и со ЕУ?
Дали е прифатлив фактот дека наводната одбрана на идентитетот, грубо се злоупотребува?
Дали е прифатлива следната формулација: “Да се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки, во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен и културен и религиски идентитет.”
Дали Собранието и пратениците, ја разбираат небулозата и тенденциозноста на оваа формулација?Дали Собранието, пратениците и сите политички чинители кои се произнесуваат по оваа резолуција, прават разлика помеѓу политичко и историско, и разбираат што гласаат?
Како ја разбираат последната формулација “Собранието ја обврзува и насочува владата, но и сите надлежни органи, задолжени за надворешната политика и евроинтеграциите да постапат во рамки на позициите утврдени со оваа резолуција”, како поттик за преговори или како дефинитивна блокада на преговорите?
Каде точно се гледа европската иднина во оваа резолуција? И дали се’ уште иднината е европска?И сето тоа со бланко поддршка, убаво скриено позади параванот “уставното име”. Да го почитуваше некој уставот, нема да дозволеше воопшто поигрување со него, по сите основи.
И дали е прифатлив став без дебата? И дали е прифатливо политиканство на секој чекор и во секоја прилика? И дали остана нешто “свето” во оваа држава, во духот на очигледната монорелигиозност во резолуцијата, јасно одвоена од “световниот” живот според уставот. Истиот оној устав, што демек, се брани.
