| |

ЗАЕВ: 500 НОВИ ВРАБОТУВАЊА- ОТПОЧНУВАЊЕТО СО ИЗГРАДБА НА НОВА ФАБРИКА

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од заменик претседателот на владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за економија, Крешник Бектеши и директорот на Дирекцијата на технолошко-индустриски развојни зони Александар Младеновски, денеска присуствуваше и се обрати на настан посветен на отпочнувањето со изградба на фабрика на американската компанија „ДУРА Аутомотив Системс“ во ТИР зоната Скопје 2.

Премиерот Заев, во своето обраќање пред инвеститорите, присутните гости и медиуми, рече дека интересот за нови инвестиции на странски реномирани компании постојано расте, за што доказ е означувањето на стартот на изградбата на фабрика на компанијата „ДУРА Аутомотив Системс“ којашто ќе се простира на 16.000 м2 и којашто ќе отвори 500 нови работни места.

„Поканата за членство во НАТО што ја добивме и започнатиот процес за преговори за членство на земјата во ЕУ ќе резултираат со уште поизразен оптимизам. Со право очекуваме поголема доверба во македонската економија и многу нови инвестициски бранови во повеќе различни дејности. Ова го велам од причини што членството во НАТО, на економските реформи и политики што ги спроведуваме, ќе обезбеди сигурност за инвестициите и ќе претставува еден од носечките столбови на коишто ќе градиме економија која ќе продуцира квалитетен живот за граѓаните“, рече премиерот Заев во своето обраќање.

Честитајќи му го отпочнувањето градбата на фабриката на потпретседателот за операции во Европа на „ДУРА Аутомотив Системс“, Мајк Бекет и на менаџментот на компанијата, премиерот Заев, истакна дека и во иднина Владата ќе биде партнер на оваа компанија во сиот процес на нивното планирање и растење.
Вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев потенцираше дека со најновата инвестиција на компанијата „ДУРА Аутомотив Системс“, се зацврстува лидерската позиција на американски компании кои работат во Технолошко индустриските развојни зони. Тој појасни дека девет производствени објекти или околу 40% од активните компании во ТИР зоните се со американски капитал, вкупното портфолио на инвестиции од овие компании изнесува околу 170 милиони евра, а заедно со Дура обезбедуваат 9.500 работни места за македонските граѓани.

„Соработката помеѓу Република Македонија и Соединетите Американски држави е во нагорна линија. Во првите пет месеци од 2018 година, во споредба со истиот период лани забележан е пораст на трговската размена помеѓу двете земји од над 16%, додека извозот од Македонија е зголемен за дури 28%. Инвестицијата на реномираната компанија Дура, која е дел од конзорциумот Патријарх Партнерс и која на годишно ниво остварува годишен приход од околу 1,7 милијарди долари, покажува дека Република Македонија се препознава како атрактивна дестинација за инвестиции. Веруваме дека со започнувањето на работа на реномираната компанија „ДУРА Аутомотив Системс“, економската соработка помеѓу нашата земја и САД ќе продолжи да се развива во позитивна насока“, посочи вицепремиерот Анѓушев.

„На мое големо задоволство менаџментот на „ДУРА Аутомотив Системс“ ги препозна неколкуте клучни придобивки поради кои Македонија е првиот избор за поддршка на нивниот раст во Европа – технички способната работна сила, добрата инфраструктура и силната поддршка за странски инвестиции. Сето тоа, заедно со остварениот прогрес во евроатланските интеграции, бизнис ориентираната клима и мерките кои ги креиравме со Планот за економски раст и Законот за финансиска поддршка на инвестиции се показатели дека сме на вистинскиот пат и градиме економија која ќе продуцира нови работни места, поголема ефикасност, продуктивност и конкурентност на компаниите, зголемување на извозот и пораст на инвестициите, кон крајната цел – повисок животен стандард и подобар живот за нашите граѓани“, истакна министерот за економија Крешник Бектеши на свеченото отпочнување на проектот на американската компанија Дура Аутомотив Системс.

Тој, во своето обраќање уште се осврна и на бројките во првиот квартал на 2018 година, кои како што истакна министерот Бектеши, покажуваат дека вкупните странски директни инвестиции изнесуваа над 235 милиони евра, што е повеќе од вкупниот износ на странски директни инвестиции во 2009, 2010, 2012, 2014, 2015 и 2017 година и е највисок квартален износ од 2006 година, и извозот, кој во првите 2 месеца забележал висок раст од 24%, а само компаниите кои работат во слободните економски зони во првите пет месеци годинава извезле стоки во вредност од 942 милиони евра, што е раст од 14% во споредба со истиот период лани. Увозот, пак, од зоните во првото петомесечие од 2018-та изнесувал 805 милиони евра, што значи дека нето извозниот ефект од зоните во првите пет месеци годинава е 136 милиони евра, појасни министерот Бектеши.

Директорот на технолошко-индустриските развојни зони Александар Младеновски се заблагодари на големата поддршка од економскиот тим од Владата на Република Македонија и на тимот од ТИРЗ кои, како што нагласи тој, „деноноќно работат на реализација на проектите како ДУРА, а на ДУРА им посакувам ведро небо до завршетокот на градбата на нивниот објект“.

Во таа насока, директорот Младеновски истакна дка Владата и ДТИРЗ како дел од неа, остануваат посветени во намерата за привлекување на нови инвеститори, а со новите мерки овој процес е дефиниран на потполно транспарентен начин.

Слични Објави