| |

Закони, министри, фашисти…

Пишува: Владимир Перев

Рускиот дух на безумието вилнее низ Македонија. Тоа е духот на империјалната Русија на која толку многу се надеваа нашите предци, за потоа да стане духот на Советскиот Сојуз, денес конечно оформен и олицетворен во ликот и низ делата на злосторникот Путин. Нашите предци не знаеле за темнините, мракот и насилието на царската Русија, низ Голи Оток разбрале за проклетството на комунизмот, за денес да ја видат злосторничката ролја на еден поматен ум кој војува со целиот напреден свет. За почеток, жртва на војната е Украина, но ако таа падне, жртвата ќе биде целата Европа и поголемиот дел од пренаселената Азија.

Нашата генерација разбра за злосторствата на Источните деспоти, ама не ја научи лекцијата. Комунизмот/источниот социјализам со својата лажлива реторика за еднаквоста, правата и демократијата, ги замагли погледите на цели општества. Затоа денес имаме извртени погледи кон личностите од историјата и нивната ролја во современиот свет. А кога работите не врват по теркот на замислената политика на властите, се прибегнува кон најголемиот апсурд-носење нелогични закони како израз на сопствените извртени претстави за реалниот, европскиот свет во кој живееме.

Македонија ќе носи закон со кој ќе се утврдува кои имиња можат да носат невладини организации, а кои имиња нема да бидат допуштени, бидејќи наводно била фашистички и “се навредувале граѓаните и се вознемирувала јавноста“. Тоа треба да се види, па потоа да се видат и резултатите. Еднаш, пред дваесетина години еден Владимир Панков од Охрид формира здружение со името на Иван Михајлов, наречено “Радко“, а власта, олицетворена низ судскиот систем, го забрани по претставка на една судијка (во поодминати години) и еден адвокат. Владимир Панков поведе процес, за конечно Европскиот суд за правда да донесе пресуда со која се укинуваат актите на македонските судови и Македонија беше задолжена одново да го регистрира здружението “Радко“. Значи, од правна гледна точка, во Стразбур веќе постои преседан, па секоја ваква одлука или закон, ќе падне пред Европскиот суд.

Најмалку од сѐ држат обвинувањата упатени кон некои личности од историјата дека биле фашисти, нацисти или слични глупави изјави на македонски државници. Процесите во Нирнберг, Токио, Софија, Белград и Рим се одамна завршени, таму е утврдена вината и кажана пресудата. Македонија нити можела ниту може, ниту пак било кој во Европа ќе и даде шанса, одново да отвора такви процеси. Тоа е решена работа. Тоа што “граѓаните биле навредени и јавноста вознемирена“ се само изјави на една безвластна комисија и евтино политичко манекенство на една бивша пратеничка. Ако некој се потруди, може да најде за само неколку минути, барем стотина личности кои се “вознемирени и навредени“ од ликовите на Јосип Броз Тито, Лазо Колишевски, Едвард Карделј, Тодор Живков, Ленин и ред други убијци на сопствениот народ, па некои институции сеуште ги носат нивните имиња, а медиите се повикуваат на некакво нивно “славно и богато“ минато! А Бога ми, луѓето се вознемитени од овие персони, бидејќи добро знаат колку нивни роднини и пријатели биле прогонувани, колку семејства се зацрнети и колку кариери се уништени. За тоа барем читаме секој ден.

Во целата оваа калакурница на завист, омраза и кариеризам, необично и вонвременски звучат изјавите на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Во емисија на МРТВ, тој, во прво лице еднина, “осудува формирање на вакви клубови, бараме механизми за заштита, граѓаните имаат повредени чувства и се формира ад хок тело“.

Народски речено, министерот Спасовски ја “згрешил и црквата каде оди и молитвата“ која ја кажува. Такви изјави не се во негова надлежност. Тоа е работа на обвинителството и правобранителството! Може да бидат и изјави на партиски лидери, ама тоа е само нивно промовирање на партиската сцена, па макар и со сеење омраза.

Времето кога првите полицајци во државите даваа политички изјави одамна е поминато, а новите научија дека полицијата треба да се воздржува од изјави од ваков тип, уште повеќе ако се дадени во прво лице еднина. Тоа е наследено мислење од социјалистичкиот/болшевички терк на управување, владеење со внесување страв меѓу народот, но давателите на таквите изјави, “првите полицајци“ најчесто лошо завршуваа. Нека само се сети на судбините на Јагода, Ежов, Берија, Кочи Зодзе, Александар Ранковиќ, нашиот Абаз, германците Канарис, Калтенбрунер и многу други. Патем, Вишински остана жив, а живи останаа и некои германски нациобвинители. Министерот за внатрешни работи е должен да се грижи за сигурноста на целата нација и држава, на сите единки и организации, а да апси по налог на судот или обвинителството. Сѐ друго е самовластие кое никогаш добро не завршува. Политиката треба да е надвор од сферата на размисли на Спасовски. Во моментот кога неговите бивши колеги и некои претходници, споменати погоре, навлегоа во водите на политиката со речникот на полицијата, жестоко пострадаа. Тоа нам, на Македонија, овде и сега не треба да ни се случи. Бугарските а и било кои други културни клубови, споменици и имиња на установи, не треба да се предмет на размисли на првиот полицаец. Тој делува по налог на правосудните органи и невкусно е да си дава политичко или било какво лично мислење.

Да не се залажуваме, македонското Собрание никогаш нема да донесе закон со кој ќе се забранува употребата на определени имиња како називи на клубови и организации, уште помалку дека тоа ќе биде со ретроактивна важност. Кај нас сѐуште има политичари кои искрено сакаат да одат кон Европа. Некои надобудни полуписмени политичари предлагаат законот да важел “ретроградно“. Точно кажале, тоа ќе биде ретрограден закон во секоја смисла и Европа тоа ќе го осуди. Никој во Европа нема да си позволи, врз ликот на цар Борис Трети, Ванчо Михајлов или пак Фердинад Први, да падне таква дамка. Законот нема да заживее, па Спасовски и вознемирената експратеничка ќе си останат со своите мисли и вознемирености.

Македонија и ние македонците сме во многу тешка, неизвесна ситуација. Заради тоа, должни сме да пазиме на своите пројави, на единството меѓу желбите и можностите. Сѐ друго води кон грешки, а тие кон катастрофа. За илустрација, еден “проклет европеец од бугарски произход“, ми го испрати следново иронично писание, кое мислам заслужува да се објави во оригиналниот вид. “Предлагам следващия културен клуб, който ще отворим в Македония, спазвайки новоприетото македонско законодателство, да го кръстим на Красимир Каракачанов. Той не е фашист, комунист е, от потекло на БЗНС. Не е македонец, не е и българин, а турко-влах. Нема спор за идентитета му и лявата му политическата принадлежност, т.е. напълно отговаря на условията за мултикултурализъм и евростандарти“.

Згора на сето, овој европски пријател ми испрати и соодветна/иста изјава на нашиот некогашен “прв разузнавач“ Слободан Богојевски (со негова фотографија) во која навистина се говори за некакво турко-влашко потекло на (не)омилениот Каракачанов. Во тие расни теории и теориите на “крвта и плотта“не се разбирам, но читав и дека за времето кога студирал во Скопје бил врбуван од УДБ-а како соработник.

За Каракачанов знам многу нешта, но не знам дека студирал во Скопје. Не е исклучено да е врбуван, по некаков начин и од УДБ-а, никој професионалец не служи само на една служба. Тие правила Спасовски би требало најдобро да ги знае. Значи, има шанса неговото име да биде “поддржано“ од некои структури кај нас, како знак на благодарност на Македонија за неговата дејност.

Опасно е да се носат закони во кои ќе има проскрибирани имиња. Опасно е за државата која ги носи, опасно е за идните патишта на таа држава. Најопасно е ако тоа го прави првиот човек на полицијата. Тие потези секогаш носат трагични последици.

Тиранската сенка на Путин се надвиснува над нашите глави. Експратеничката која е вознемирена и министерот, треба да се запрашаат дали сме ние вознемирени, дали нашето фалшиво русофилство, толку еклатантно пројавено и во самиот Парламент, нѐ вознемирува.

Имињата на мртвите, па какви и да биле, не носат последици. Реалноста е страшна, а пропагандите на некои политичари, не нѐ водат во мирни води! Ред е министерот Спасовски да почне да се занимава со реалните личности, пројави и организации, да внимава на своите и своето опкружување. Мртвите да ги препушти на спомените на оние кои сакаат да се сеќаваат на нив. Тоа е само еден сентимент!



Слични Објави