ЗАВИСНОСТА ВО НЕЗАВИСНОСТА

Тие што почнаа да ја градат независна Македонија немаа учебници за тоа и можеби поради таа причина целата најнова историја на нашата земја беше раздирана од зависности.

Македонија беше дете кое се учи да оди, а тие што сакаа да му подадат рака за кураж беа држени на дистанца. За секој случај. Се сеќавате на еквидистанцата за која зборуваше првиот претседател Глигоров нели?

Трнливиот пат ни се нацрта некаде надвор, ние не бевме созраени ни еден метар асфалт да ставиме во нашиот сопствен развој. Колку и тоа да звучи како клише, за мир во куќата дури штекерите ги дадовме, па после така останати без заби  почнавме да си ја браниме независноста.

Државата која помина преку ембарго од страна на Грција, преку промена на знаме, преку времена референца со навредливата формулација „поранешна југословенска“, си дозволи луксузот и на внатрешен план да биде расадник на афери и скандали.

Ако кон надвор сме мали и немоќни, зошто дозволивме внатре да не пустошат и разградуваат?

Колку луѓе изгореа во ТАТ? 13 илјади. Колку се самоубија? Стотина. Тоа е рамносметката од најголемата финансиска афера која ја потресе 6 годишната тогаш држава. Македонија уште не била ни прваче во 1997, но веќе била удобно тло за големо пљачкосување на сопствените граѓани, кои само 6 години порано со надеж ја заокружиле својата независност на референдумот.

Можеби треба да си честитаме за тоа што го преживеавме и „Големото уво“. Тогаш се случи и првата значајна аболиција на високи државни функционери од страна на претседателот.

Треба да си честитаме и за фактот што ние за разлика од сите посткомунистички земји ни процесот на лустрација не го спроведовме како што треба, туку го претворивме во лов на вештерки, со цел некои одредени ликови сврзани со поранешните безбедносни структури на УДБА да истакнат дека оние „другите удбаши“ се полоши од нив.

Ги преживеавме и студентските протести од 1997 г. кои беа карт бланш за едни големи „патриоти“ да започнат какви такви политички кариери. Од улица во парламент. Но тоа и не е толку страшно. Во независна Македонија можеш да влезеш во парламент, да влезеш во затвор, па после пак да се вратиш на пратеничките клупи. И тоа сме го виделе за 28 години независност.

Но дали сме независни?

Големиот дел од нашите сограѓани се зависни од партиските лидери на државно и локално ниво, зависни од договорите на дело, кои никако да се претворат во решенија за вработување, зависни од државата како најголем работодавец, а во последно време и субвенционер.

Зависни сме од тоа кој каква порака ќе ни испрати за да знаеме на каков протест да се појавиме и не заради сендвичот со растителен кашкавал и саламата „кучешка радост“, туку за да си го зачуваме работното место. И тоа е вистината

28 години во независна Македонија од граѓаните ништо не зависи. На нив само им се продаваат приказните дека „донеле промени“ или пак „бутнале режим“.

Промени нема, а режимот на партиските моќници врз обичниот човек е перманентен.

Затоа се во мода бугарските пасоши. Илјади македонски граѓани се зависни и од потписот на бугарскиот потпретседател за да се спасат од тие зависности на нашата независност.

Тие зависности ни донесоа катастрофално здравство со медицински работници херои кои во ужасни услови спасуваат човечки животи, а за награда редовно добиваат мизерни плати, а во последно време и ќотек.

Тие зависности ни донесоа катастрофално образование во кое просветните работници прво треба да добијат амин во партискиот штаб, па после да ги описменуваат нашите деца. Тие што навистина си ја сакаат работата описменуваат. Но за каква плата? Покачена со астрономските 5%? Не чудете се зошто зависностите се насекаде околу нас.

Неподготвениот за животот човек лесно станува зависен. Училиштето е таа подготовка, наставниците и професорите се тие ментори. Но како зависни луѓе да создадат независни поколенија?

Правосудството наше е пример за зависности. Секој од некого е именуван. Одредени судии не се ни плашат јавно да ги искажат  своите партиски определби. Бараме независни одлуки од луѓе кои немаат никаков проблем со тоа да пратат некого во притвор или да го ослободат, ако во моментот така налага ситуацијата. Сетете се само како точно навреме на едни „патриоти“ им беше променета мерката, само за да се најдат во пратеничките клупи и да гласат. Сетете се и на оној човек со кебапите од Велес, а и на дедото што ја искуба Шекеринска.

Независност во зависности. Најсвеж пример за тоа се случувањата околу СЈО. СЈО веќе го нема. Го создадоа бидејки Јавното обвинителство не чинеше пред некоја година, ама сега изгледа веќе чини и СЈО е минато. Независна одлука на зависни луѓе, како е возможно тоа?

Во вторник ќе има лидерска средба. Заев и Мицкоски ќе се договараат за нашата иднина. Ќе се согласат само околу едно нешто. Тие имаат интерес од нашите зависности, затоа што тие ги наследија истите ликови што ги создадоа тие зависности. Наше е да очекувате трепетно што ќе ни кажат и секако независно и со чиста мисла да ги заокружиме нивните бројчиња на следните избори, без разлика дали се вонредни или редовни.

И никако да не помислуваме да им го урнисаме конфортот на нивната независност која почива врз нашата зависност, осмелувајки се да дадеме шанса на некој друг, зошто така може би ќе успееме да станеме независни, а тие зависни од нашата волја.

Нека ни е честит празникот на независноста изградена врз нашите зависности, се надевам скоро да го имаме и празникот на слободата, правичноста и демократијата. Но тие не се подарок како независноста, благодарение на меѓународен склоп на околности, тие се вредности за кои ќе треба многу внатрешна битка почнувајки секој еден од нас од самиот себе си.

Автор: Атанас Величков

ФОТО: СКРЕЕНШОТ ОД ВИДЕО КЛИПОТ НА ПЕСНАТА „МАКЕДОНИЈА“ НА СТИХОВЕН КАЛИБАР