Зеленски го покани Шји Џјинпинг да ја посети Украина: „Подготвени сме да го пречекаме“
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го покани кинескиот претседател Шји Џјинпинг да ја посети Украина, објави во средата „Асошиетед прес“.
„Подготвени сме да го дочекаме тука“, рече Зеленски во интервју за новинската агенција.
Шји не разговарал со Зеленски од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари минатата година, но минатиот месец Кина објави план од 12 точки за „политичко решение на украинската криза“.
Кинескиот претседател разговараше за конфликтот со рускиот претседател Владимир Путин за време на државната посета на Москва минатата недела, иако разговорите не покажаа напредок за тоа како да се стави крај на војната.
Кинескиот предлог вклучува повик за деескалација и прекин на огнот во Украина. САД го отфрлија предлогот тврдејќи дека Кина нема кредибилитет бидејќи одби да ја осуди Русија за нејзината инвазија на Украина. Соединетите Американски Држави констатираа дека прекинот на огнот во овој момент ќе ги консолидира руските територијални придобивки и ќе им даде на силите на Путин повеќе време да се прегрупираат.
Украина го поздрави дипломатскиот ангажман на Кина, но Зеленски рече дека ќе ги разгледа мировните решенија само кога руските трупи ќе ја напуштат украинската територија.