Последниот атентатор (6)
Спомени на Крсто Петрушев (1913-2007) од Богданци, припадник на ВМРО, запишани од Владимир Перев.
Во тоа време полномошник на организацијата во Благоевград, односно Горна Џумаја беше Мотикаров. Тоа беше човек од Радомир. Ме вика мене, и јас одам. Ми вели Крсто ти си многу слаб. Ти треба многу силна храна. И да не те гледааат тука граѓаните на Благоевград , и да те распрашуваат, да те вознемируваат, затоа ќе те пратам во едно село. Таму има наши другари за да не си сам. Таму ќе се храниш. Има силна храна да се поправиш, а потоа ќе си дојдеш. Велам добро. Тоа е едно село Дабрава близу до Благоевград. Одам таму и гледам само јабанџии. Познавам само еден човек Дане Јорданов, и вели Крсто како го изгубивте Стојан? Тој златен човек. Јас им раскажувам како беше. Дане Јорданов беше од Немањци Кочанско. Пребеган. Зедов да зборувам, ама едвај. Слаб. И гледам еден полн човек наметнат со комитска пелерина седи на страна и слуша, што јас зборувам. Завршив им раскажав како беше, што беше и едно време тој крупниот човек вели: “Е драги другари, такви момчиња и се потребни на Македонија.” Другите сите замолчеа. Вели, така се ослободува Македонија со такви херои. Само тој ден бев таму и вечерта. Утредента си велам, што сум будала едвај сум го спасил животот и сега да бидам во ова село. Му викам на Дане, јас ќе си одам. Седи каде ќе си одиш? Не ќе си одам. Значи само една вечер бев таму. Не прашав и не се интересирав кои се тие другите. Дојдов се јавив на Мотикаров. Му велам не можам таму да седам ако треба ќе си седам на квартирата. Добро. Му нареди на Крсто од Дојран, во таа гостилница, да ми носат јадење таму. И тоа силна храна колку можам да јадам. Седам таму и не излегувам. Мотикаров ми вели не излегувај да те гледаат граѓаните . Три четири дена издржав. Ми дојде сила. После земаа да ме прашуваат каде сум бил толку време ме немало?. Велам тука бев надолу по Петрич,Неврокоп. Правевме маневри. Ги лажам .Сега 1933 година се спрема пак акција. Месец октомври. Значи на крајот на септември /на 28 септември го убија Стојан Мандалов/ние пристигнавме во Бугарија. Сега во октомври јас сум на одмор ама се припремаме за друга акција. Планираме да се оди во Велес, Радовиш. Во Штип не планираме. Ние сме слободни. А јас сум на крајот на градот кај едни наши богданчани, кај Мито Колиќаев. Имаше две возрасни ќерки немажени и живееше на крајот од градот. Таму не живеев, таму се подготвував за новата акција.
Топам восок и ги премачкувам куршумите кувам куршумите можат да издржат влага и дожд , бидејќи комитската работа е таква. На отворено поле си. Ќе го истопиш восокот и еден по еден ќе започнеш да ги пушташ кршумите. Тие ќе се облијат во восокот и повторно ќе ги наредиш во пачката а потоа во патрондашот. Исто така и со бомбите.
Дојде мај месец. Приготвено е за летото, но на 19 мај настана еден преврат во Бугарија. На власт, односно за претседател на Бугарија дојде еден предавник Кимон Георгиев. Таа една цела компанија, Дамјан Велчев генерал во затвор и сите останати меѓу кои и наши Македонци замешани во тоа предавство одлучиле да ја растурат организацијата. Ние не знаевме за тоа, но на 19 мај некој Борис, осмокласник велел “Тето Јордано, Крсто го бараат едни војници”.
Во тоа време дошла и сестра и Милка и вели дека целиот град е обиколен и полн со војска. Го слушнав тоа и си велам што е оваа работа, тоа е изненадување. “Го видовме Стојан Бошков како војници го носат во касарната”. Ах си велам не е чиста оваа работа. Стојан Бошков во организацијата беше голем човек. Какви функции имал незнам. Тој е од Македонија.
Ми велат го видовме како го носат и Мачкуески, кој беше генерал по чин, задолжен за оружјето на Организацијата. И, Борис-ученикот и вели на Милка “Го бараат некои војници батко Крсте. И ми вели Милка те бараат. Јас оружјето и пелерината, и се што ми беше припремено, низ едни градини тргнав, но нема каде да бегам. Реката Бистрица, три метри беше надојдена неможеше да се премине. Едно време се сетив на јазот кој води кај селската воденица. Тоа е голем јаз кој и од двете страни е обраснат со голема трева. Трчам, и ги слушам војниците како велат” Штотуку мина низ градинита, трчајте таму”. Кога видов нема каде паднав во водата, а пушката ја оставив во тревата. Само главата ми беше на трева. Ги слушав како велеа војниците сега беше, овде каде исчезна, да је ебам неговата мама “. Кога видоа дека не можат да ме најдат си отидоа. Додека добро не се смрачи останав цело време во водата, а потоа преку ловниот дом се префрлив ???? . И вечерта одам во едно блиско село Делвино. Раководителот ми е познат. Тој е пријател на мојот татко. Одам право дома и ми вели “Бегај Крсто има војска и полиција”. Јас го прашав што се случува, а тој ми вели “Се е блокирано, ја растураат организацијата”. Јас веднаш избегав и отидов во едно турско село -Осеново. Тоа се наоѓа во полите на Рила планина, дури и зафаќа еден нејзин дел. Си велам самиот на себе каде сум тргнал. Сим се качил на едни спили и го гледам селото Осеново како во дупка. Во тоа време дојде дрвосечач со магаре и го прашувам од каде си. Тој вели од Осеново. Го познаваш Батушот му велам? Инаку Батушот беше еден стар Турчин кој го слушаа сите. А Салијата го познаваш? Како не го познавам вели. Инаку тој беше раководител на организацијата во селото. “Е сега му велам ќе одиш кај Батушот, и ќе ми кажеш -еден човек од организацијата сака леб, ако има и сирење добро, ако нема, пак добро.
Тие чуваа многу стока, бидејќи Рила планина е богата. Но му велам да внимава, ако има војска или полиција, да се чува да не го видат. А тој вели нема тука војска, таа е во градот на километар од тука. Си велам уште подобро, но магарето ќе остане со мене, кога ќе дојдеш ќе си го земеш. Кога отиде тој јас од едни високи спили го следам каде оди. Отиде кај Салијата. Тој не беше дома. Сопругата беше, на која и кажа за мене. Гледам, една цела подница, топол леб, мешан и едно големо парче сирење ги стави во една шарена торба. Јас го гледам како трча. Го зедов лебот го ставив во мојот ранец. Му велам сега земи си го магарето, и да не си кажал за ова ништо никому.
Јас тргнав ја изодив височината од Рила планината. Падна снег, иако беше 19 мај. Набрав папрат и си направив колиба до еден голем бор. Лежам и си правам сметка.”Десет или петнаесет дена ќе ми биде лесно. После што ќе правам. Едно време задремав и една верверичка секој пет минути ќе кресне, уплав да те фати. Ќе дојде до главата и повторно ќе избега горе. Таму седев два три дена. Но, не ме фаќа место. Гледам на хоризонтот некој да помине, бидејќи ноќно време се гледа. Светлината дава да ги гледаш тие што одат по билото на планината. Се искачувам на билоти и гледам една равница, бор до бар. И видов едно огинче кое одвреме навреме блескаше. Се вратив ја замав пушката, пелерината и ранецот- се си зедов и полека се приближувам за да видам кои се тие покрај огинот. Додека да ги препознаам од далеку кои се, одзади за врат ме грабна еден човек. Тоа да ти бил таен пункт на организацијата, максимално обезбедуван. Кој си ти? Велам јас сум Крсто Петрушев од Благоевград. А ти си четникот на на Стојан Манданов, ми велат тие. По името што го кажа се сетив кој се . Ме однесе во Централниот комитет. Таму Жоро Настев и уште триесет други четници правеа муабет. Жоро стана ме праша од каде доаѓам. Што има таму? прашува. Му велам Стојан Бошков и Асен Попаврамов го носеле некои војници. Тоа ми го кажаа ќерките на Мито Колиќаев. Јас тоа лично не сум го видел. Имаше една провизорно направена масичка на која имаше машина за пишување. Жоро Настев диктираше. Направија неколку писма, а мене ми велат ти си херој. Сега треба да се вратиш во Џумаја. А таа е тешка работа, јас знам од што се спасив. Но, во организацијата нема непослушност, а и јас бев дисциплиниран. И велам ќе одам. Мора да се исполнат заповедите. Го рискирав својот живот, но тоа е комитлак. Тие направија писма и ми велат акоАсен Поп Аврамов е земен од војската, писмата ќе ми ги предадеш на Спас Попнајденов. Ако и тој е фатен, ќе му ги даддеш на еден друг, заборавив веќе кој. Ако и тој е исто така фатен од војската, тогаш ќе ги предадеш кај доктор Гаџев .Го познаваш ли д-р Гаџев? Им велам да го познавам, ама на многу опасно место му се наоѓа куќата. На самиот плоштад до хотел “Македонија”. Како ќе се пробијам до таму? Жоро се размисли и ми вели, ако нема друг начин мора да одиш таму. Јас ги земав писмата. Го оставив оружјето и ранецот и ги закачив кај нив на еден бор.. Само пиштолот го зедов и отидов. Патрони имав околу триесетина, за парабел. Се пробив низ блокадата, преку домот и се пуштив. Мене не ме фаќа место да одам во градот, бидејќи сите ме познаваат. Плус ми кажаа дека имало и протоѓуровисти- Перо Шанданав, Лев Главинчев, Ѓорѓи Гевгелиски. Сите беа протоѓуровисти кои беа во служба на Владата на Кимон Георгиев, за да се ликвидира ВМРО.
Станува дума за добро познатиот воен преврат во Бугарија извршен на 19 мај 1934 година од политичко воената организација “Звено“. Новодојдената влада под раководството на Кимон Георгиев ги забранува политичките организации и партии во земјата, но конечно се се сведува на забрана на ВМРО и напуштањето на Ванчо Михаилов на земјата. Значајна ролја во борбата против ВМРО имаат и споменатите членови на организацијата припадници на протогеровистичкото крило. Сите се по потекло од Македонија. Перо Шанданов е роден 1895 година во Охрид. Уште како ученик стапува во редовите на ВМРО, потоа ја завршува Бугарската воена академија и учествува како бугарски офицер во Првата светска војна. По убиството на Александар Протогеров во 1928 г. Го зазема неговото место како редовен член на ЦК на ВМРО. Во овој период се приклучува кон организацијата “Звено“ и застанува на позиции спротивни на ВМРО. Исто е и со протогеровистичкиот војвода Ѓорги Хаџи Митров-Гевгелиски. Тој е член на ВМРО од 1920 година а 1924 година бега од тогашното кралство Југославија и се населува во Перичко каде работи како трговец и се занимава со револуционерна дејност. Судбината ќе посака Крсто Петрушев и Ѓорги Гевгелиски пак да се сретнат.
Продолжува…
