Алијансата за Албанците: Мицкоски е шампион на клеветата, ВМРО-ДПМНЕ со антиевропски и антиалбански ставови
Алијансата за Албанците со остар одговор на критиките од ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски. Во соопштение од партијата се наведува дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ се служи со „клевети и лаги“ за да ја одвлече јавноста од сопствените неуспеси.
„Кога ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски фрлаат отров, станува јасна една непобитна вистина: тие се шампиони на клеветата и ништо од тоа што го зборуваат не држи. Редовните клевети што ни ги сервира ‘Белиот дворец’ се само очајнички обиди да се пренасочи вниманието на јавноста од нивните постојани неуспеси“, велат од Алијансата за Албанците.
Партијата потсетува дека ВМРО-ДПМНЕ во минатото била коалициски партнер и на локално и на централно ниво, а денес „мизерно се обидува да плете лаги и басни“.
„ВМРО-ДПМНЕ беше во локална коалиција со Алијансата за Албанците, а до вчера и на централно ниво. Чудно е зошто досега немаа ниту една забелешка кон АА и претседателот Арбен Таравари, додека денес, откако им ги расипавме мрачните планови против Албанците во Северна Македонија, мизерно се обидуваат да плетат лаги и басни“, стои во реакцијата.
Алијансата ги обвинува ВМРО-ДПМНЕ за „масовна корупција во времето на Груевски“ и потсетува дека „рушевините од таа корупција сè уште стојат во центарот на Скопје“.
„Арбен Таравари и Алијансата за Албанците не се фатени од никого и не се резерва на никого. Нашите одлуки се автономни и независни од надворешни фактори. Поради таа причина решивме без ни најмала жал или двоумење да излеземе од оваа антиалбанска и антиевропска влада, покажувајќи дека АА не може да се уценува, да се купи или да се продаде“, се наведува во соопштението.
Партијата потсетува и на изјавите на Мицкоски за ЕУ и уставните измени.
„Самиот Мицкоски има кажано: ‘Никогаш нема да се случи членството на Северна Македонија во Европската Унија.’ Неговата последна изјава дека ‘Уставните измени нема да се случат ниту пред, ниту по локалните избори’ е јасен доказ за саботажа на европскиот пат“, наведува АА, додавајќи дека тоа се и антиевропски и антиалбански позиции.
Во завршницата на соопштението, Алијансата за Албанците му порача на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ:
„Мицкоски добро би направил да ги прекине врските со Москва, Будимпешта и Белград и да престане да биде промотор на ‘Српскиот свет’. Албанците никогаш нема да дозволат Северна Македонија да се претвори во непријател на Европската Унија, НАТО и Соединетите Американски Држави“.
