| |

Снежана Пауновиќ – илустрација зошто Северна Македонија не смее да зависи во својот ЕУ-интегративен пат од Србија

Ивон Величковски

Медиумите на македонски релативно површно ја третираа изјавата на српската министерка Пауновиќ дека “би спровела етничко чистење во Косово за време на војната”. Кај нив повеќе внимание предизвика нејзиното прогласување за непожелна личност во Косово, одошто самата изјава. Очекувано.

Бидејќи во Србија, дури откако реагираа студентите и европските функционери, Вучиќ изјавата и ја оцени како “непромислена”, а Дачиќ се обиде да ја релативизира.

“Нормално”, медиумите на македонски изјавата на Пауновиќ ја потиснаа со повикот на Вучиќ за заеднички прием на Западниот Балкан во ЕУ: “Ако одиме заедно, нема да има граници меѓу Белград, Приштина и сите други”.

Но никој не потсети дека:

– независноста на Косово гарантира дека нема да и се оствари желбата на Пауновиќ – и затоа меѓусебното признавање е услов за Србија.

– Сребреница се случи кога Србија сакаше да ги “прошири” своите граници, и

– Србија избегнува да се соочи со својата улога и одговорност во периодот по 1986 г.

Нашите државни и партиски функционери во парламентарното мнозинство и “опозиција” заеднички го кочат ЕУ-интегрирањето на нацијата на Северна Македонија.

И низ авто-блокадата – ја ставаат државата, нацијата и македонскиот народ во позиција на патерица на четиридеценискиот наратив на Србија по Стамболиќ – и нејзината замислена супремација над Балканот.

Впрочем во тој дух на супремација беше и изјавата на Пауновиќ, и отвореното писмо на Вучиќ до европските лидери од пред неколку месеци и цитираниот повик од вчера.

Затоа Мицкоски, Филипче, Апасиев и ниту еден нивен коалиционер во владата и собраниската “опозиција” не смее да каже дека:

– Северна Македонија припаѓа во бранот за ЕУ-проширување со Црна Гора и Албанија,

– со методологија што ни одговара и ни овозможува побрзо да ги завршиме преговорите одошто Србија,

– немаме отворени прашања со соседите, за разлика од Србија, Косово и БиХ,

– логиката на Пауновиќ најави закана за регионалната безбедност, а нејзиното учество во српската влада ја легитимира на ниво на официјална политика.

А за уставни амандмани за деблокада на преговорите не смеат ни да помислат.

Слични Објави