|

МАКЕДОНЧЕТО, ОВЦИТЕ И МАКЕДОНЕЦОТ

Широко раширен помеѓу нашиот народ е зборот „македонче“. Секогаш кога некој наш ќе направи нешто глупаво, ќе се избламира или ќе се уплаши го користиме овој збор за да ги опишеме постапките и карактерините особини на таа личност. Секогаш во таква ситуација ќе кажеме „ тоа ти е, што очекуваш од македонче“.  Овој израз кој што сугерира мало, уплашено, превртливо, ситно душиче е совршен приказ за негативната слика со која што си се прикажува нашиот народ. На нас ни се чини дека такви сме биле од памтивек, но дали тоа е навистина така? Ако се навратиме помалку од 100 години во нашата историја ќе видиме дека Македонците биле се само не плашливи и ситни душички како што на нас ни е всадено да веруваме. Но тогаш зошто, кој и како му го всади македончето на Македонецот како слика за себе?

Како што веќе споменав до пред само 70-80 години македончето како опис за Македонецот не било случај. Всушност „плашливите“ Македонци ја имаа изнедрено една од најголемите подземи револуционерни организации во Европа – ВМОРО која што ја тресеше една од најголемите светски империи во своето време. Сите добро го знаеме Илинденското востание. Сведоштво за тоа колку беа Македонците борбени и организирани е фактот  што дури востанието кое паралелно се одвиваше и во Одринско го раководеа македонските револуционери. Таа огранизација беше држава во држава, рушеше влади, менуваше монархии и го насочуваше текот на историјата на овие простори. Само во првата Југославија Македонецот беше толку нескротлив што од целата српска жадармерија, повеќе од половина мораше да биде перманентно стационирана во Македонија за да може да одржи каков таков ред. Македонците во тој период беа познати како големи борци, лавови кои што гинеа храбро за слободата од турскиот, а подоцна и од српскиот јарем.

Помеѓу тие две окупации, веќе е (намерно) подзаборавено и учеството на Македонците во Првата светска војна во составот на 11та пешадиска македонска дивизија. Уште еден голем доказ за борбеноста и хероизмот на македонецот. Станува збор за најголемата македонска воена формација во историјата со преку 35.000 активнен персонал во секој момент во најголем дел составена од доброволци. Сепак нашата историографија и политика веќе со децении мудро го премолчуваат нејзиното значење.  Таа дивизија, формирана во најкус можен рок учествуваше во големите победи кај Завојот на Црна и во битката кај Дојран. Последната пак е еден од најгоемите воени порази во историјата на Британската империја, а значајна улога во него одиграа баш македонците. Не звучи како нешто што би направило македончето нели? Нашите историчари ќе ве убедуваат дека тие луѓе биле насилно мобилзиирани, дека биле збунети и правеле како ќе им кажел некој друг без да се противат на тоа. Со кратки зборови според нив тие се однесувале како што се однесува македончето. Тие наши историчари истото ни го велат и за сите наши револуционери и преодбеници. Според нив сите тие биле збунети, се декларирале како што се декларирале за документи или како им кажал селскиот поп. Замислете вие, тие луѓе ја ставале главата во торба за да се борат за слобода, но кога требало да кажат што се, биле или исплашени или збунети. Истите тие сакаат и да не убедат дека овдека во тој период жевеела амофрна маса која што не знаела што е. Те малку на една те малку на друга страна одела таа маса и слушала како ќе и каже некој друг без да се побунува. Ќе ве молам не ги потценувајте толку нашите претци. Тие знаеле многу добро што се и за што се бореле. Да биле така збунети, неосвестени и плашливи како што сакаат денешните македонисти да ги претстават, нашите претци никогаш немаше да формираат своја подземна организација, никогаш немаше да дигаат востанија и немаше да водат значајна улога во 2 балкански и 1 светска војна. Всушност тие ќе се однесуваа баш како што се однесува денешното македонче – ќе му ја „дувнеа“ надалеку при првиот знак за опасност.

Сепак останува прашањето што се случи од тогаш до сега? Што се смени толку во народ и кој е одговорен за тоа? Кратко кажано – Југословенскиот комунизам кој што се впушти во градење на нова нација на антибугарски основи. Нивната цел беше и остана да креираат народ лојален кон Белград, кој што нема да се буни многу како неговите претци. Се што е бунтовно во тој народ и се што се коси со официјалната приказна за несвестено, исплашено и наивно население кое поповите го манипулирале треба да се избрише или да се стави колку што е можно повеќе на маргините. Поголемиот дел од Организацијата тука не одговора, па ако нема никаков основ да се „рехабилитираат“ се ставаат на листата на предавници и врховисти. Само кај нашиот народ листата на предавници е еднаква, ако не и поголема од таа на херои. Понатаму, сите востанијата и акции против српскиот окупатор треба да се премолчат и да останат само обична фуснота во историјата. 11та дивизија треба да се заборави целосно затоа што беше во Бугарската армија. Преродбениците биле глупави, збунети, па за нив бугарин значел словен христијанин. Народот бил плашлив и подводлив, па кој поп дошол кон таа нација влечеле. Tие приказни му се товеа на народот со децении. Секој глас кој што ќе каже нешто спротивно од тоа е замолчуван со силата на државниот апарат, а секој кој што прави ехо на тие пораки станува богато награден. Така се додека не се роди специјално обкликуваното македонче. Збунето, мало, плашливо кое покорно слуша и впива се што му било сервирано од Белград.

Јас одбивам да верувам дека нашите претци биле раја која што не знаела што е кога остатокот од Европа знаел. Одбивам да верувам во приказната дека секогаш некој нешто им наметнувал, а тие кутрите никогаш глас против тоа не кренале. Одбивам да верувам дека сме биле народ преполно со кодоши и предавници за лична корист. Одбивам да верувам во приказната дека секогаш нашите предци некој друг ги водел како стадо овци на колење. Одбивам да верувам во македончето и во неговите приказни затоа што историјата ни кажува нешто сосема друго.

Автор: С. Маузер

Слични Објави