ГЛИГОРОВА ЗА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“: МОЈОТ ГЛАВЕН ПОРИВ Е СВЕСНОСТА ЗА ДОЛЖНИЧКОТО РОПСТВО
Истакнатата граѓанска активистка Ана Глигорова зборува за тоа како почнала и како мисли да го оствари својот сон за општество без должничко ропство, за граѓани што слободни ќе ја изразуваат својата креативност, за општество во кое работниците ќе уживаат во плодовите на својот труд, за чиста вода, воздух и почва, за солидарност, емпатија и среќа во заедништвото.
Жалите ли за Вашата прва љубов, за А1 ТВ, што всушност се случи со неа?
– А1 телевизија, неповторлива инспирација – од уметнички видеа до информативна програма, од документарци до шоу-програма. Постои „една Македонија“ пред затворањето на А1 и „Македонија“ по затворањето на А1. Затворањето на А1 беше проследено со невиден и незапамтен терор кон еден медиум, политички мотивиран, а реализиран со употреба на големи безбедносни сили на државата. Да влезеш во телевизија со специјалци, огромна група, да вознемируваш цивили е чин на тероризам. Тој што ова го наредил, направил кривично дело и треба да биде соодветно санкциониран. Протагонистите, наредбодавачи меѓу кои некои имаат и правосилна пресуда за друго дело, се на слобода. Со чинот на болното затворање, во кое настрадаа низа вработени, кои завршија со санкции, повеќегодишни затворски казни, за дела за кои во некои европски држави би платиле само парична казна или би биле на условно. А1 е парадигма за тогашна Македонија. Дефинитивна поделба на наши и ваши. Нашите – дел од мафијата преоблечена во држава, вашите – робови на првите.
Феминистка или револуционерка?
– Секако дека се наоѓам себеси во борбата против семејното насилство, еднаквост на платите, против дискриминацијата, решително против стереотипите, хегемонијата и патријархалната свест. Колку и да делува депласирано, феминизмот како политика на родово ослободување, не како нов вид хегемонија, ми е блиско. Исто како и револуцијата. Интересна е токму таа политичка сплотеност на феминизмот и револуцијата во практика. Токму во нашево општество каде што жените се тие што најчесто ми пишуваат секојдневно за повеќекратната дискриминација што ја трпат. И родова, и граѓанска, и потрошувачка, воопшто во целиот систем на наплата. А самохраните мајки се најголемите жртви во ова општество.
Ана Глигорова, која е всушност Ана Глигорова?
– Од уметничкото видео како опсесија, како страст, со кое и денеска се занимавам, во кое сум ги имплементирала сите свои дилеми, размислувања за стварноста, посебно за неправдата. Вљубеник во природните науки и решавањето на егзактни проблеми, до комплексноста на општествените науки, па сѐ до потребата да се артикулирам како битие кое на пиедестал ги става емпатијата, солидарноста, етичното. Потребни беа години на будење, освестување за да сфатам дека сѐ што правам, секој атом од активизмот и политичката енергија треба да се насочи во помош на дискриминираните, сиромашните, но и во нивна едукација за и тие да соработуваат меѓу себе. За подобар, поетичен свет.
Од каде извираат Вашите пориви за битки за социјална правда, поради кои побуди?
– Главниот порив е свесноста за должничкото ропство. За пеколниот круг на виртуелни долгови со астрономски камати и прениски плати. Тука почнува социјалната неправда, во овој круг. Премалку екстремно богати, премногу многу сиромашни. Од друга страна, општествата каде што има поголема еднаквост и социјална правда се поуспешни.
(Целото интервју прочитајте го на „Слободен печат“)
