Арбитрирано македонство
Facebook статус на Никица Корубин
Од првиот ден на независноста, па до денес, 33 години подоцна, донесени се низа одлуки кои го граделе, утврдувале и на крајот го потврдиле статусот на државата и сите нејзини параметри во меѓународниот правен поредок, односно во реалноста. Сериозноста на одлуките одговарала на реалната внатрешна динамика на општеството и регионална и глобална позиција на младата држава, но односот на сите влијателни и одлучувачки чинители и структури (политичари, медиуми, експерти, професори или севкупната “елита”), односно “јавноста” кон нив, била константно отежнувачка, наместо олеснувачка. Минирање на суштината на државноста.
Па, така ние од самиот почеток се среќаваме со “тешки” наместо “неопходни” одлуки. Се’ е неподносливо “тешко и неправедно”, наместо “неопходно и објективно”. “Тежок” е референдумот за независноста, чиниш државата се заробува, па морало да се остави отстапница, во форма на метафоричка папочна врска со “југословенството” кое паралелно се распаѓа во крв и ужас; наместо “неопходен” голем и среќен датум за државата и граѓаните, кои се конечно свои на свое. Првиот “товар и сомнеж” ставен на (пот)свеста на самодовербата на граѓаните: сигурни сте дека сакате своја држава?
Потоа, така несигурни и чиниш времени, фактички излезени трајно од СФРЈ, ама држени строго со (пост)југословенска свест, намерно неспремни се соочуваме со светот околу нас, но како независна држава, а не како менторирана и контролирана република. Сами и независни. И нормално, “тешките и неправедни” одлуки се пред нас. Сите против нас, а највеќе соседите, врз кои повеќе не делува лажно супериорниот југословенизам. Кој никако да не’ пушти од матрицата на “неправдата”.
Па, така “онеправдани” се минираме себе си, знаејќи што следи, со изборот на “сонцето од Вергина” (патем речено симбол за кој до 1977 година, светот воопшто не знаел дека постои во таква форма), за официјално знаме, од класичните “комунистичко/квази-патриотските кругови”. За да биде “тешко”, а не “неопходно и објективно”. За да може да има “жртва” во добро познатиот манир, “создади проблем, за да го решаваш”. Или во нашиот случај, за да го одржуваш.
Резолуциите 817 и 845 на Советот на безбедност од 1993 година, заокружени во Времената спогодба од 1995 година, требаше во релативно краток рок, но не подолг од 7 години, да го заокружи и дефинира, со добра воља на апсолутно разбирање на гео-политичката реалност и добрососедски односи; нашиот статус на меѓународно призната држава со сите параметри.
Наместо тоа, “тешката и неправедна” одлука се одложуваше до 2018 година и Преспанскиот договор, кој е всушност имплементирана Времена спогодба. Со константно градење на наратив на “жртва”, која секогаш нешто дава, а ништо не добива за возврат. Чиниш државата е “дете кое треба да добие награда за доброто поведение”, а не “возрасен и зрел човек, кој одлучува самостојно и одговара со сопственото поведение”. Па, чие “дете” треба да остане државата?
Во меѓувреме, во така ментално и фактички замрзнато пост-југословенско општество, во перцепцијата на меѓународните односи, но и внатре кон односите во самата држава, на “системски монопол” на тврдо штитење на наследените елити, моно-етнички македонски, но еднакво недопирливи и за самите Македонци, за еднаков пристап кон целиот систем; логичен е конфликот од 2001 година, кој со непотребни и трагични жртви, води кон уште еден “тежок и неправеден” Охридски договор, кој можел да биде и “неопходен и објективен”, доколку општеството било слободно, а не заробено. За да може “жртвата” да трае, мора да биде заробена. Заробена во константни стравови, фобии и неправди. Речиси на ниво на инжињеринг. Казна за независноста на државата.
Односот кон Договорот со Бугарија и не мора многу да се анализира. Бидејќи претставува класична разголена варијанта на наметнување на модусот “тешки и неправедни” договори. А, и најлесен за активирање на пост-југословенските фобии и стравови, во кои константно се држи и обликува македонството. Оваа “жртва”, требаше да ја наполни “чашата со гневот од неправдите”.
За да може конечно “гневот да се прелее од чашата”, после децениските “неправди” и да се вратиме “освестени” на почетокот: а, зошто ни е држава, кога вака “сами” не можеме да се браниме од “неправдите” на лошите соседи? Чуму ни е ЕУ, кога “чашата се прелеа”? Чашата на (само)наметнатите неправди, во внимателно креираната и одржувана перцепција на “жртва”.
А, кој всушност, сите овие години, определува што е “добар”, а што “лош” договор? Кои се параметрите еден договор, на пример Преспанскиот договор, да биде “лош”? Кој ги поставува критериумите, по што се мери “лошото” vis a vis “доброто”? Каде е неопходното во овој антипод?
Како е тоа “лошо” да имаме независна и своја држава? Како тоа е “лошо” да имаме добри односи со Грција, Бугарија, Албанија и Косово? Како е тоа “лошо” сите да имаме исти можности во сопственото општество? Како е тоа “лошо” да бидеме членка на НАТО? Како е тоа “лошо” да бидеме членка на ЕУ, што значи дека сме станале функционална, стабилна и финансиски силна и слободна држава?
Како е тоа “лошо” да носиме име Северна Македонија, нема ни трага од “југословенството”? Тоа ли е критериумот над критериумите за лошо? Тоа ли е арбитарот на македонството? И каде точно го бараме македонството надвор од Северна Македонија? Белким е јасно дека првото, без второто не постои. Привид и перцепција, како онаа за нас како “жртви”. Но, да внимаваме желбата да бидеме “жртва” по секоја цена, да не ни се оствари. Но, како реалност, а не привид. Ама, во реалноста нема втора шанса. Ја имаме само оваа “шанса”, која 33 години ја потценуваме. Свесни сме, зарем не?
