| |

Бугарија, САД и европските партнери во заедничка операција против трговијата со луѓе и шверцот на четири бугарски гранични премини

Бугарските власти и меѓународни партнери од 28 септември до 4 октомври ја спроведоа операцијата „BALKAN BRIDGE 2“, насочена против трговијата со луѓе, нелегалната трговија со оружје и дрога и пренесувањето непријавена валута, акцизни стоки и друга контрабанда преку клучни гранични премини во Бугарија, соопшти Амбасадата на САД во Софија на својата фејсбук-страница.

Во операцијата учествувале службеници на американската Дипломатска служба за безбедност, заедно со бугарски и европски органи за спроведување на законот. Активностите се одвивале на граничните премини Русе, Капитан Андреево, Кулата и Калотина, под координација на Фронтекс и со поддршка од Европол.

„Целта беше не само да се спречат поединечни случаи на шверц и нелегална трговија, туку и да се идентификуваат пошироките криминални мрежи зад нив“, се наведува во објавата на Амбасадата.

Операцијата била насочена и кон подобрување на размената на информации во реално време меѓу земјите учеснички.

Според Амбасадата, „BALKAN BRIDGE 2“ се надоврзува на првата фаза од иницијативата и претставува уште еден пример за тесната безбедносна соработка меѓу Бугарија, САД и европските партнери.

Слични Објави