Г.ВИНЧИЌ: САКАМ ПРЕКУ ВИЗУЕЛНОСТА ДА ЈА ОТКРИЈАМ ТАЈНАТА НА ЖЕНСКИТЕ МУАБЕТИ

На 8 Март 2019 (петок), 19.00 ч. ќе се отвори самостојната изложба на уметничката Гордана Винчиќ под наслов “Женски муабети”. Во Галерија Ко-Ра, мал салон, во ЈУ Дом на култура “Кочо Рацин”, ул Димитрие Чуповски 20 а (во центар наспроти гимназијата “Ј.Б Тито”.

Во врска со овој културен настан ја побаравме Гордана Винчиќ да ни каже нешто повеќе околу самото случување.

Што ти беше инспирација за серијалот ”Женски муабети”?

Гордана Винчиќ: Повеќето што ме познаваат одблиску знаат дека при дружбите носам блокче и друг прибор за работа и визуелно, со цртеж ги прибележувам средбите. Па така и овој серијал произлезе од заедникувања со другарки и познанички. Вистински женски муабети се инспирацијата за овие дела. Доживувам дека мажите од секогаш гаеле љубопитност кон разговорите на жените. Па и тоа ме побуди дека темата секако може да биде интересна и интригантна.

Мирис на грев…

Што се крие позади интригантните наслови?

Гордана Винчиќ: Позади секој наслов се крие еден вистински женски муабет. Кога сите дела беа готови ги повикав другарките и се обидовме да извлечеме по една автентична реченица од муабетите која се совпаѓа со сликите. Дали би издвоиле некоја специфична случка во текот на творењето? Две дела насликав за време на мојот престој во Софија при дружбата со бугарска уметничка Елизабет Лиса која беше дел од популарниот анимиран филм ”Loving Vincent”. На мое големо задоволство имав прилика да се запознаам и да ја дозивеам техниката користена во истоимениот филм.

Пердув од ној…

Какви реакции очекувате од посетителите?

Гордана Винчиќ: Споделувам една необична тема за која и во текот на моето творење доживеав подршка од колеги и пријатели. Сигурна сум дека делата носат своја автентичност и ќе бидат интригантни и инспиративни за секого кој ќе ги види.

За три дена глас…

Што е следно?

Гордана Винчиќ: При крајот на март годинава планирам да направам изложба на дел од мојата приватна колекција на уметнички дела. Тоа ќе бидат избрани дела од колеги, уметници не само од Македонија туку и светот. Во Март исто така ќе учествувам на еден поголем културен евент во Скопје.