СЕДУМДЕСЕТ ГОДИНИ НАЦИОНАЛНА ГАЛЕРИЈА НА МАКЕДОНИЈА

Истакнато Култура

Вчера вечер, под покровителство на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во Даут пашиниот амам се одржа јубилејната манифестација и изложба „Почетоци за паметење“ по повод одбележување на јубилејот „Седумдесет години Национална галерија на Македонија”.

Премиерот Заев изрази особена чест што во овие денови, кога целото внимание е насочено кон спроведување на клучните политички и општествени реформи, има прилика на целата македонската јавност да им го честита овој јубилеј и да им порача на сите, без разлика на времињата во кои живееме, дека делата кои ја отсликуваат вистинската природа и душата на народот, се вистински и бесмртни.

„Националната галерија на Македонија, и денес, како и пред 70 години, кога е основана, е истовремено неопходна и релевантна институција. Ова претставува потсетување и оддавање почит за огромниот вложен напор, не само од страна на тимот кој ја водел Уметничката галерија, туку и од страна на државните институции кои несебично и со голема одговорност дале поддршка и придонеле Националната галерија денес да прерасне во храм на уметноста и двигател на културниот живот во Македонија“, истакна премиерот Заев.

Тој подвлече дека ваквите национални установи, служат и помагаат на идните генерации да се поврзат со историјата и делата на тие кои живееле пред нас, а истовремено да градат интеркултурно општество.

„Овде, во Националната галерија на Македонија, од прва рака, со децении може да се почувствува врската помеѓу генерациите истакнати македонски уметници и нас, нивните потомци, и понатаму меѓу нас и нашите потомци. Националната галерија на Македонија, за нас претставува многу битна алка во развојот на меѓуетничкиот и мултикултурниот дијалог помеѓу разни групи и култури во нашата Република Македонија. Промовира посебно разбирање а со тоа и поголема вредност на нашето колективно културно наследство будејќи дополнително љубопитство еден за друг, за рефлексијата на нашето заедничко општество“, порача премиерот Заев.

За дејноста на институцијата славеничка говореше и претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Таки Фити, кој подвлече дека МАНУ и НГМ имаат една природна, органска поврзаност.

„Уште во 1948 година кога беше поставена и формирана Националната галерија на Македонија, нејзините основни цели и задачи беа јасно дефинирани, да го евидентира националното културно богатство, да го собира, да го откупува, да го презентира пред пошироката јавност и се разбира да ги презентира и современите текови на ликовното творештво, и мислам дека ако се погледне развојната траекторија на оваа значајна национална институција, таа апсолутно ги исполни поставените и дефинирани задачи“, рече академик Таки Фити.

Директорката на Националната галерија на Македонија, Дита Старова Ќерими, во својот поздравен говор рече дека на изложбата се претставени 150 листови оригинална архивска документација од 1948 до 1956 година кои сведочат за успешната приказна поврзана со формирањето на галеријата, галериската збирка и начинот на раководење.

„Ние сме денес горди, но и исполнети со големо чувство на одговорност што на нашата генерација ѝ е дадена историска можност да биде современ дел од синтезата со големите основоположници на Галеријата, со нивната обединувачка акција и богатото ликовно творештво, пред сè со основоположниците на македонската ликовна уметност и на Националната галерија на Македонија: Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димо Тодоровски, Димчо Коцо и другите уметници од тој период“, истакна д-р. Дита Старова Ќерими.

На јубилејната манифестација се доделија благодарници за долгогодишна и успешна соработка на Владата на Република Македонија, на претставници на дипломатскиот кор, државни институции и новинари, а учествуваше камерниот оркестар на македонската Филхармонија.

Подолу ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Заев:

„Посебно ми е драго што во овие денови, кога целото внимание е насочено кон спроведување на клучните политички и општествени реформи, имам прилика да се обратам овде, пред вас и пред целата македонската јавност за одбележување на еден значаен јубилеј – 70 години од постоењето на Националната галерија на Македонија.

Бројот на години за кој сме собрани тука е најдобар аргумент дека делата се потрајни од луѓето, ние сме минливи, но вредностите кои ги оставаме зад себе се вистинските споменици на нашето постоење.
Тоа ја прави оваа Национална установа дом на трајните вредности на уметноста на нашиот народ.
Со такво должно внимание е исполнет и концептот за оваа изложба со наслов „Почетоци за паметење 1948-1956“, која се реализира во рамките на одбележувањето на јубилејот „Седумдесет години Национална галерија на Македонија”.

На изложбата се претставени 150 листови оригинална архивска документација од 1948 до 1956 година кои сведочат за успешната приказна поврзана со формирањето на галеријата, галериската збирка и начинот на раководење.

Ова претставува потсетување и оддавање почит за огромниот вложен напор, не само од страна на тимот кој ја водел Уметничката галерија, туку и од страна на државните институции кои несебично и со голема одговорност дале поддршка и придонеле Националната галерија денес да прерасне во храм на уметноста и двигател на културниот живот во Македонија.

Посебна е врската која ги зближува луѓето на уметноста.

Овде, во Националната галерија на Македонија, од прва рака, со децении може да се почувствува врската помеѓу генерациите истакнати македонски уметници и нас, нивните потомци, и понатаму меѓу нас и нашите потомци.

Националната Галерија на Македонија, за нас претставува многу битна алка во развојот на меѓуетничкиот и мултикултурниот дијалог помеѓу разни групи и култури во нашата Република Македонија. Промовира посебно разбирање а со тоа и поголема вредност на нашето колективно културно наследство будејќи дополнително љубопитство еден за друг, за рефлексијата на нашето заедничко општество.

Дополнително, оваа и ваквите национални установи, служат и помагаат на идните генерации да се поврзат со историјата и делата на тие кои живееле пред нас.

Националната галерија нa Македонија, и денес, како и пред 70 години, кога е основана, е истовремено неопходна и релевантна институција.

И денес, како и тогаш, свесни сме дека на македонската уметност од светска вредност неопходна и е релевантна заштита, како и да биде изложена на очите на јавноста на достоинствена поставка, како на пиедестал на трајните вредности.

Во спротивно овие безвременски и исклучително вредни артефакти ќе бидат нечии лични колекции или едноставно изгубени во времето.

Или поедноставно речено, без Националната галерија на Македонија, несомнено ќе ја изгубиме градбената врска со нашето културно минато.

Дозволете ми уште еднаш да го честитам овој јубилеј и да си посакаме сите, без разлика на времињата во кои живееме, да не забораваме дека делата кои ја отсликуваат вистинската природа и душата на нашиот народ, се вистински и бесмртни.

Тие, го заслужуваат нашето неподелено внимание и заедничка грижа, обединувачка како самата уметност, која е рефлексија на нас самите, на тоа кои сме биле, што сме и која ни е идејата за тоа кои сакаме да бидеме.

Нека е среќен јубилејот и посакувам сите да продолжиме да се гордееме со Националната галерија на Македонија.“