| |

Секој ден се сеќаваме, еден ден не забораваме – 31-годишнина од геноцидот во Сребреница

Џелал Хоџиќ

Пред точно 31 година беше извршен геноцид во Сребреница, која во тоа време беше заштитена зона на ОН.

Оваа година во Поточари ќе бидат погребани десет жртви. Жртвите кои годинава ќе бидат погребани биле на возраст од 20 до 56 години. Меѓу нив има и тројца млади луѓе кои во моментот на смртта биле во своите дваесетти години и кои дури сега ќе го најдат својот конечен мир.

Геноцидот во Сребреница е дел од колективната меморија на демократскиот свет. Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои Резолуцијата 78/282 на 23 мај 2024 година, прогласувајќи го 11 јули за „Меѓународен ден на размислување и сеќавање на геноцидот во Сребреница од 1995 година“. Претставничкиот дом и Сенатот во САД уште во 2005 година, а подоцна и во 2015 и 2020 година, усвојуваа резолуции со кои злосторството во Сребреница недвосмислено се дефинира како геноцид.

Европскиот парламент преку неколку резолуции, а особено онаа од 2009 година, успеа да го воведе 11 јули како Ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница на ниво на целата Европска Унија. Парламентите на Канада и Австралија, исто така, усвоија декларации кои го вклучија сребреничкиот геноцид во образовните програми и официјалните календари на сеќавање. Резолуции беа усвоени и во парламентите на Црна Гора, Северна Македонија, Хрватска, Косово и Албанија, со што се создаде еден вид „цивилизациски круг“ околу Босна и Херцеговина, во кој геноцидот се признава како заедничка болка и опомена.

Припадниците на Војската на Република Српска и нивните помагачи, по падот на Сребреница на 11 јули 1995 година, убија повеќе од 8.000 бошњачки мажи во низа масовни погубувања. Во мезарјето на Меморијалниот центар Сребреница – Поточари досега се погребани 6.772 жртви на геноцидот, додека 250 жртви се погребани во локалните гробишта по одлука на членовите на нивните семејства. По повеќе од илјада жртви на геноцидот во Сребреница сè уште се трага.

Меѓународниот суд на правдата во Хаг во 2007 година донесе пресуда во која се констатира дека во јули 1995 година во Сребреница, која тогаш беше „заштитена зона“ на ОН, Војската на Република Српска (ВРС) извршила геноцид.

Во рамките на одбележувањето на 31-годишнината од геноцидот врз Бошњаците во Сребреница, по комеморацијата, во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари ќе се одржи верска програма.

Секој ден се сеќаваме, еден ден не забораваме!

Слични Објави