|

СМРТНИОТ ГРЕВ НА ЗАХАРИЕВА

Екатерина Захариева направи смртен грев. Министерката за надворешни на Бугарија свесно или несвесно чепна во една од најголемите светости на македонецот – Тито. Замислете вие реакцијата, кога Захариева спомна дека е противречно да го славиш и величаш Тито и да сакаш во ЕУ, беше слична со таа кога преговорите меѓу Скопје и Софија заглавија кај етничката припадност на Гоце. Да се разбереме, една од последните држави кој што треба да држи предвања за расчистување со комунизмот е Бугарија. Држава во која што уште постојат еден куп улици, споменици, села, па дури и градови крстени по предавници од типот на Димитров и Стамболијски, има уште многу фурни леб да јаде за моралиризање. Штета што процесот на расчистување со комунизмот и неговите митови мора да ни дојде од Софија, а поради инат ние ќе ја отфрлиме таа шанса и уште подлабоко ќе заглибиме во југоносталгичната митоманија која што има така поразителен ефект врз националната самодоверба и способноста за самостојно опстојување на здрави темели.

Македонците, дел од инат, но најголем дел поради тоа што вистински сè уште плачат по Тито и Југославија решија да застанат во жестока одбрана на Маршалот. По се изгледа Македонците никако да се помират дека и двете се мртви бидејќи во очите на најголемиот дел од народот врвот на својата нација и национална самобитност го гледаат за време на една друга држава и под комунистичката диктатура. Зборував за овој феномен во една моја друга колумна овде и овде каде што објаснував колку Југославија беше погубна за македонизмот во услови на независност и ваквата жестока одбрана на ликот и делото на  браварот од Кумровец само ми ја потврдува тезата.

Македонците од целиот политички спектрум, со чест на некои исклучоци кај десницата, веднаш застанаа да ги спомнуваат заслугите на Маршалот за денешна Македонија и за еманципацијата на македонците. Да не беше тој ќе бевме јужна Србија или уште пострашно и не дај Боже – бугари. Не дај боже македонец сам да се изборил за својата нација и своја државност, Тито беше заслужен. Не само што им даде држва и нација на македонците, за неговото време тие биле Америка за бугарите. Со „грб“ од 20 милиони не можеа Грците и Бугарите да не чепнат, Албанците беа помали од маково зрно и Гоце беше македонец кој што се бореше против бугарските клети фашисти. Заедно со тоа си одат и дргуите митови рака под рака како тие за надовната сила на црвениот пасош, економијата и 4та армија во Европа. Ако тоа е приказната во која што вервуваш,како да не го обожаваш Маршалот?

Мене лично, како најинтересни витези и бранители на честа на Тито ми дојдоа Д-р Беќаровски Нико и незнајниот автор на лошиот хумор/историска сатира од off.net.mk. Прво секако би почнал од почитуваниот доктор, кој што подели „час по историја и демократија“, кои што иронично би му требале и тоа како на другарот Тито.

Па така во својата прва точка, вели дека „еден од најмрачните диктатори создаде Балканска Европска Унија од која што оваа вашата може многу,многу да учи. “ Јас сум искрено збунет. Очигледно дека самопрогласениот „професор по историја и демократија“ малку ги помешал брзините. Што конкретно треба да учи ЕУ од Југославија? Како да ја угуши слободата на говор, да воведе еднопартиски систем и да стрпа илјадници неистомисленици во затвор и во гроб? Дали споредува наддржавна организација како ЕУ со федеративна држава како Југославија?

Понатаму, авторот вели дека за разлика од бугарите кои морале да чекаат пред МеВеРето, тие можеле под водството на „диктаторот“ (напишан во наводници, ко божем не бил диктатор!) да заминат слободно до Трст и други места. Со други зборови, докторот само го раскажа митот за силниот црвен пасош со кој што „шетавме насекаде“ во обид да ни објасни на сите како чим си можел излезеш, не било тоа диктатура. Шетале, под будното око на УДБА кој што има повеќе атентати извршено во страснство отколку ЦИА и КГБ заедно. Шетале и насекаде, а кога ќе го прашаш просечниот Македонец каде шетал, ќе ти каже дека бил 2 пати до Трст и Солун на шверц на фармерки и ако студирал бил на една апсолвентска екскурзија, за која што ќе раскажува на деца и внуци до крајот на животот.. Од денешна перспектива тоа е смешно, смешно во споредба со слободата на движење денес која ти ја нуди дури и македонскиот пасош. Да не зборуваме пак за тоа што денес бугарскиот пасош на Македонецот му ја дал најголемата слобода да шета, живеее слободно и работи низ цела Европа и светот. Како само масите се свртеа, а докторе? Денес Македонците се тие што како стока чекаат пред меверето да можат во лице да излажат некој службеник бугарски за својот етнос и на своите родители за еден друг црвен пасош.

Какофонијата на професорот по историја и демократија продолжуваат со докажување на слободарството на другарот Тито со фактот што си можел да купиш Опел, Форд, фармерки, а не изостави да каже дека Бугарките „тарифирале за две червени“, штедни книшки во девизи и др. западњачки погодности.  Чим си можел слободно да набавиш автомобил, значи дека Тито не бил диктатор. Не дека за време на неговиот режим нема опозиција, не дека имало десетици илјадници политички убиства и политички затвореници, ма јок. Важно си можел да набавиш кола од странско производство, што е уште еден смешен мит бидејќи горе-доле единствените кои имаа во тоа време западни автомобили беа гасарбајтерите. Што е уште поинтересно денес дури ти требаат и помалку месеци работа отколку во времето на Тито за да набавиш нов автомобил , а постои и огромна понуда на многу добри половни коли увезени од…..Бугарија.  

Продолжува понатаму Д-р Беќаровски да збори за некое божемно пријателство меѓу Македонците и Бугарите кое ете лошата бугарска влада неуспешно го руши и други небулози за историјата. Сепак примарен мотив за неговиот реферат е „нападот“ не кон македонскиот идентитет, не кон етничкото чувство на Гоце, кон корените на македонската нација, ами ликот и делото на Тито. Докторе, Југославија е мртва и нема враќање. Единствен начин да нема повеќе граници со браќата јужни словени е само преку ЕУ која што ги осуди сите тоталитарни режими, вклучувајќи ги и комунистичките, а патот до нејзе оди низ Софија. Историјата и судбината грдо ви се изнасмеаа кога патот кон „новата Југославија“ води низ Бугарија.


                За разлика од Д-р Беќаровски кој што напиша нешто релативно културно, што иако погрешна има каква таква порака, авторот на текстот за Химлер и Тито не знам ни самиот што сакаше да каже. Почнувајќи од „ванземаљски глупата изјава на Захариева“линкувана до српската страница на Радио Слободна Европа, при жива и здрава македонска страна на истите е најдобар доказ дека само вселената и човековата глупост се бесконечни. Авторот, кој се погрижи да остане непотпишан, го користи Химлер!, да ја покаже величината на Тито. Да може самиот Јошка Броз да види како најновата генерација југословени го брани, во „Куќата на цвеќето“ ќе се врти како пропелер. Ејј, батето користи цитати од Химлер, еден од најголемите злосторници во историјата кој што го идеализираше Адолф Хитлер. Што кажува тоа за Тито, што човекот кој што му се воодушевува се воодушевува само од него и од Хитлер? Финалниот заклчучок на хумористот во обид е дека од бугарите немало посмешни што е прилично храбра изјава од кого доаѓа.
               

                Жалосно е што македонската јавност е најсплотена кога и се допира Тито и неговото наследство. Човекот е мртов 40 години,а државата 30, а ние сеуште очајнички се држиме до нивното сеќавање. Со митовите за како беше добро во Југославија создадовме слика за нејзниот распад и создавање на независна Македонија како некакви катастрофи што ни се случиле. Каков апсурд, Македонците го перцепираат како современа национална катастрофа создавањето на македонската држава. Перцепираат како некаков си божемен татко на нацијата човек кој што ги стрпа по лудници, гробишта и затвори луѓето како Ченто, Брашнаров, Шатев и др. кои целите свои животи ги поминаа за создавање на Македонија. Перцепира како слобода една диктатура удавена во крвта на десетици илјади нејзини неистомисленици.

Автор: Маузер

Слични Објави