НЕМА ДА ИМА НОВИ РЕСТРИКТИВНИ МЕРКИ И ПОКРАЈ ВЧЕРАШНИОТ РЕКОРДЕН БРОЈ ПОЧИНАТИ ОД КОВИД-19
Вчера беа регистрирани рекордни 40 починати од Ковид-19, но најава за нови рестрикции нема. Надлежните остануваат на истите мерки, и испраќаат апел за нивно доследно и целосно почитување.
Одлуката на Комисијата за заразни болести по вчерашниот состанок е дека не е време за воведување на нови рестриктивни мерки за заштита од вирусот Ковид-19. Остануваат во сила истите мерки – забрана за работата на угостителски објекти после 21 часот, групирање на не повеќе од четири лица во текот на 24 часа, како и максимално почитување на протоколите на сите економски оператори. Од Комисијата бараат доследно почитување на наведените мерки.
Од денеска почнува примената на брзите тестови во здравствените домови во Штип, Гостивар, Прилеп, Струмица и Кичево.
Од Министерството за здравство информираа дека лаборантите од овие установи минатата недела беа на обука во Скопје, а во текот на неделата ќе продолжат обуките на лаборанти од други градови низ државата, со цел во најкраток можен рок, брзите тестови да бидат на располагање на матичните лекари на територија на цела држава.