СТОП ЗА КИЧ ПАТРИОТИЗМОТ

Се наближува 2-ри август во Македонија, и оваа година ќе се изнагледаме кич патриотизам во Крушево.

Голема фама претставува пристигнувањето на коњаниците од организацијата “Илинденски марш 1978” од Лисиче, еден огромен псевдо историски настан кој не се темели на научно поткрепени факти и настани врзани за Илинденското востание. Не треба да се биде голем експерт за “современа” историја (може историјата и само периферно да ви била дел од образованието, па и како самоук да сте површен познавач на историските настани) за да можете здраворазумно да логицирате некои настани од минатото.

ПАСИВНОСТ НА СКОПСКИТЕ КОМИТИ

Со објавувањето на Илинденското востание во Битолскиот округ на втори август (нов стил), се очекувало да започнат диверзантските акции и во Скопскиот округ. Меѓутоа, овој округ останал пасивен, со неколку мали судири со турскиот аскер.

Немањето посериозен вооружен одзив во Скопскиот револуционерен округ имало рефлексии и на неуспехот на Крушевското востание, бидејќи на 10-ти и 11-ти август од Косово, преку Скопје, без никаков отпор во битолско биле донесени бројни османлински сили, кои имале примарна цел да го заземат Крушево. Тоа и им успеало на 13-ти август, кога на незапалените куќи во Крушево се истакнале бели знамиња.

Со потврдената историска фактографија за пасивноста на Скопскиот револуционерен округ, се поставува прашањето каква е оправданоста и смислата секоја година на 27-ми јули да тргнуваат на марш коњаници од Скопје за Крушево? Ако во 1903 година, тогашните скопски комити ги оставиле на цедило крушевчани, од каде право на денешните генерации да промовираат маршеви од Скопје за Крушево и триумфално да влегуваат во градот? Која е пораката на нивната приказна, во која сите до еден облечени во комитски униформи препотентно јаваат од Горно Лисиче кон Мечкин камен? И тоа сите до еден избираат да бидат војводи/воини на коњи, а никој не се решава да биде обичен комита, кој пешки ќе киниса кон славното Крушево иако манифестацијата се нарекува Илинденски марш, што би требало да асоцира на пешачење, а не на јавање.

ИСТОРИЈАТ НА МАРШОТ

Бидејќи Маршот нема никаква историска втемеленост, тој претставува само обична промоција на новокомпониран патриотизам и глумење херојство, таму каде го немало. Крушевското востание било на крушевчани, и ни најмал дел од таа слава немаат право да присвојуваат скопските “new age” комити.



Како што е официјално забележано, првиот Илинденски марш се случил на 31-ви јули 1978 година, кога тројца млади луѓе од Горно Лисиче, качени на коњи, пристигнале во Крушево. Никој не знаел од каде се ниту по кој повод се дојдени. Целата идеја се темелела од желбата на младинците да им се оддаде признание на големите Илинденци на 75-годишнината од Востанието и во ниедно сведоштво за манифестацијата Илинденски марш нема реферирање на историски факт дека таков поход од Скопје за Крушево навистина се случил во 1903-тата.

По 20 години прекин, Маршот бил возобновен во 1998 година, и тоа како желба иницијалниот марш од 1978-мата да прераснел во традиционален.

A крушевчани, од пиетет кон славните предци, треба да им се заблагодарат на коњаниците на досегашната улога и во иднина, доколку сакаат да одадат почит на паднатите херои, тоа да го прават скромно, а не привилегирано и, пред сѐ, како обични граѓани – цивили!!!

 

Превземено од  Свобода или Смърть

 

Претходна статија

ПОТРЕБНИ НИ СЕ ПОЛИТИЧАРИ КАКО УЗУНОВ

Следна статија

ШКОЛУВАЊЕ VS ОБРАЗОВАНИЕ

Најново од Ваш став

Денот на булките

Facebook статус на Никица Корубин Деновиве во Велика Британија се сеќаваат на жртвите од Првата светска