| |

Техничкиот универзитет во Софија е прв во Бугарија во шест студиски области

Техничкиот универзитет во Софија и годинава е на прво место во шест студиски области според бугарскиот систем за рангирање на високообразовните установи, јавува 24 часа. Според податоците на универзитетот, над 90 отсто од дипломираните студенти се вработуваат во својата струка.

Универзитетот е прворангиран во областите „Електротехника, електроника и автоматика“, „Енергетика“, „Комуникациска и компјутерска техника“, „Машинство“, „Општо инженерство“ и „Транспорт, пловидба и воздухопловство“. На дел од најбараните студиски програми, местата во државната квота се пополнуваат уште при првото рангирање на кандидатите.

Покрај традиционалните инженерски дисциплини, универзитетот развива програми за вештачка интелигенција, кибербезбедност, анализа на податоци, микро- и нанотехнологии и воздухопловно и вселенско инженерство. Во подготовката на дел од новите програми учествувале компаниите Bosch, Nidec, NVIDIA, IBM, Siemens и SAP. Соработката со индустријата опфаќа и студентски практики, заеднички проекти и учество на стручњаци од компаниите во наставата.

Универзитетот нуди додипломски и магистерски студии на бугарски, англиски, германски и француски јазик. Член е на алијансата „Европски технолошки универзитет“ (EUt+), која обединува девет технички универзитети и овозможува размена на студенти и професори и заеднички истражувања.

Слични Објави