ЗА ДА УНИШТИШ ЕДЕН НАРОД, ДОВОЛНО Е ДА ГО НАМАЛИШ КВАЛИТЕТОТ НА ОБРАЗОВАНИЕТО!
Додека вие да се преброите, повикате и отповикате за вработувањата во јавната администрација, Мeпсо, Елем и други подобро стоечки фирми и институции во државата, кој чие дете, снаа, татко, сопруга па вклучително и љубовница вработил, во државата повторно и повторно никој ништо не презема за образованието.
Додека вие господа од власта и вие од опозицијата се расправате колку вработени има секој еден од пратениците, додека да се изапсите и ослободите за делата за кои во европските земји се носи одговорност, нашите студенти мизеруваат.
Оние истите студенти кои во предизборните ветувања ги ставате на прво место, а кога доаѓате на удобните фотелји т.е. власт ги заборавате, ги отфрлате како никогаш и да непостоеле.
Каде се ветувањата кои им ги дадовте, па нели зборот е збор и има тежина само ако ветувањата се исполнуваат?!
И до ден денешен овие 28 год. ниту еден од вас со прст нема мрднато по ова толку чувствително прашање кое во европските земји е приоритет а само во нашата „чудесна земја” e oпција.
И секаде во светот важи едно исто правило како и кај нас- за да уништиш еден народ, доволно е да го намалиш квалитетот на образованието!
Зошто на распишаните тендери за учебници се одобруваат ракописи од тукушто формирани издавачки куќи, а останатите издавачи кои дотогаш издаваа учебници со искуство и традиција беа исфрлени?!
Зошто се одобрија учебници со буквални преводи од англиски на македонски јазик, несоодветно преведени, несоодветно усогласени со наставната програма, којашто исто така беше превод од англиски јазик?!
Во пракса ова се покажа како несоодветно со низа пропусти и недостатоци, такашто многу генерации останаа без своите елементарни знаења. Донесен е и закон за да се одобрува само еден учебник за еден предмет што е спротивно на сите европски закони. Со ова се погазува правото на конкуренција која носи подобар квалитет и пониски цени.
Граѓанско Демократска Унија –тврди дека забрана за издавачи да конкурираат со ракописи од домашни автори е преседан.
Поради оваа причина издржаните автори во Македонија се откажаа од поднесување на своите ракописи што резултираше со поднесување и одобрување ракописи од автори кои за првпат пишуваат учебници. Оттука следуваа и голем број недостатоци и грешки, па дури и дојде до повлекување на одредени учебници од употреба. Во нашето образование, а посебно во Законот за учебници во Македонија, потребно е здрава реконструкција и измени, односно бришење на стариот закон и изготвување нов.
Граѓанско Демократската Унија се залага за неопходни и длабоки реформи во образовниот систем на земјата. Бидејќи образовниот систем во нашата земја е на загрижувачко ниско ниво.
И за крај „последните истражувањата на оваа проблематика упатуваат дека ефикасноста на образовниот систем е само 13 посто, а тоа значи дека од 100 дипломирани студенти на нашите универзитети, само 13 можат, без особени проблеми, да најдат вработување соодветно на нивните квалификации- ова го тврдат нашите академици.
Автор: Фросина Китановска, член на УК на ГДУ

