ЗЕМЕТЕ ПО ЕДЕН ДИГИТРОН И ПРЕСМЕТАЈТЕ КОЛКУ ВАШИ ПАРИ ЗАМИНАА ДОДЕКА МИСЛИТЕ НА КАТИЦА

Погледнете ги овие суми на пари: 589.680 денари (9,5 илјади евра), 157 илјади евра, 59 илјади евра, и бонус (од куќа) 295 илјади евра. Има ли потреба да спомнувам за едни други 591 милион евра…?

Драги мои, погледнете ги уште еднаш овие бројки… Сетете се на нив кога ја гледате „комшивската“фотка на Катица, како пуши цигара на тераса. Сетете се и на видеото што беше пуштено во оптек за да се отвори темата: Катица ли е стутканиот во полициската јакна човек, или е некој дублер, како оној моделот што беше цртан за божемскиот фоторобот на осомничениот за атентатот на Киро Глигоров, лик.

Првата сума на пари е оштетата што преку Груевски треба да ја добијат неговите адвокати за застарениот случај „Траекторија“ (за погодете што… кинеските автопатишта).

Втората сума на пари е „додатокот за доверливост“ за Катица Јанева, за чија висина драги мои, познајте кој ја донел одлуката… нема да верувате, тоа е самата Катица Јанева.

Третата сума на пари е оштетата што ја доби фамилијата Верушевски (сопруга и сопруг) за деновите поминати во притвор од страна на поранешниот директор на УБК, Зоран Верушевски, кој беше обвинет од ОЈО за неовластено поседување на службениот пиштол, а потоа и за велепредавство и шпионажа.

Бонус се 295-те илјади евра буџетски пари што легнале на сметката на партијата Левица, во периодот од 6 јули 2017 г до 29 мај 2019 г.

За да нема забуни и парите од наведените погоре три суми се буџетски, или во превод, пари на граѓаните на Македонија.

Не најдов колку пари како оштета за адвокатите му следуваат на професорот Владо Бучковски, бидејќи и неговото дело за фамозните тенковски делови застаре.

Што праевме муабет? А даааа… Катица ја сликнале некои „комшии“ на тераса, а пред некој ден ја носеа од притвор дома, ама како да не беше таа… многу ослабена милата.

Сега ако ми дозволите би сакал да му се обратам на Неподмитливиот од али експрес, Робеспјерот на левото крило на Организацијата, ултраинтелигентниот (без трошка иронија) Диме Апасиев.

Борецу за правата на најдолниот сталеж, јас како едно скромно дете од село, што сетило немаштија исто како тебе, што ќе останеше без факултет, ако не добиеше стипендија, те замолувам, најдругарски како десничар кон левичар. Ми требаат едно 2000 евра за да си ги средам забите. Не знам колку точно чини една „холивудска“ насмевка, ама ако случајно ми останат пари ќе си покријам некоја рата од кредитот што го подигнав за нов лаптоп и ентри-левел професионален фотоапарат. Не знам дали е законско тоа мое барање, од парите што ги дале на твојата партија да помагаш на луѓе што имаат проблем со забите, ама ќе ме извиниш јас не сум правник како тебе. Едвај дипломирав што се вели.

Но доста сум се фалел…

Драги мои, земете еден дигитрон и пресметајте колку точно чини времето додека тројната коалиција СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ ви фрла евтини приказни за да имате занимација додека тие законски си добиваат оштети, затоа што раководат со вашите пари, а во одредена смисла и со вашите животи.

Автор: Атанас Величков