| | |

Алексеj Навални- бескрајното жртвување на олтарот на слободата!

Пишува: Владимир Перев

Бескрајна е Русија, бескрајна е смртта таму. Само животот во таа проколната земја има крај, трае кратко. Сто години од Октомвриската револуција, Русија останува со истата бројка на население, истата сиромаштија и истото насилие на власта врз демократијата. Вистинска ориентална сатрапија, последниот реликт на феудлизам од најзастарен тип, на границите на Европа. Александар Невски, Иван Грозни, Петар Велики, Екатерина Велика и ред други владетели, вистински духовни наследници на монголската Златна Орда, деспотски владеат со Русија, а насилието и теророт повремено се прелеваат и на европските пространства, загадувајќи го демократскиот дух на на промените започнати со Големата Француска Револуција.

Октомвриската револуција е илузија за можни промени. Паролите за слобода се обично прикривање на садистичкото владеење на двајцата шизофренични лидери – Ленин и Сталин. Тоа е власт облеана со крвта на несреќниот народ, ветувања за слобода во “иднината“, а единствената слобода ја доживуваат со својот земен крај…смртта царува низ огромната земја.

Генерациите владетели после Сталин не менуваат ништо. Насилието е единствениот механизам за владеење, а сиромаштијата е препознатливиот знак за рускиот човек. Да, како и порано, има интелектуално богатство, препознаено во целиот свет, но непрепознатливо од рускиот човек. Тоа е единствената држава на светот, која наместо да се гордее, на својот Нобелов Лауреат, Борис Пастернак, му забранува да ја прими наградата. Другите, писатели, поети, уметници, научници како дел од елитата на државата, ја немаат таа среќа да останат живи. Бескрајна е листата на мртвите, заточените во гулазите низ Русија, луѓе со извонредни квалитети. Таа земја не ги сакаше, не ја сакаше демократијата и ги убиваше дури и предвесниците на новото време.

Доаѓањето на Путин на чело на таквата насилна бесчовечна држава е логичен след на настаните. Старата и преморена Европа, лажливите посткомунистички лидери на остатоците од тоа што некогаш беше Источен лагер, се вколопија во “новото време“. Мотото на стариот гроф Ѓузепе Томазо ди Лампедуза, поставено како мото на неговиот единствен роман “Гепард“, дека смислата на долготрајноста е збиена во изреката “нештата треба да се променат, за да останат исти“, беше мислата водилка на источнолагерните конвертити.

Во својата статија „Вистински антифашисти“во земја, во која немало фашизам?“ објавена во Фактор.бг на 13 февруари 2024 г. (пренесена во Трибуна.мк), бугарската публицистка Виолета К. Радева излегува со фрапирачки податок дека “виден американски професор, гостуващ у нас по покана на свои колеги юристи, те, тоест САЩ, подкрепят и подпомагат номенклатурните кадри на БКП, защото били образовани, знаели езици, познавали Запада, а и парите били у тях! Същите тези кадри или техните синове и дъщери станаха стипендианти на Сорос, оглавиха фондация „Отворено общество” и много щедро се ползват от нейния ресурс, специализираха в САЩ, във Великобритания, нароиха партийки, създадоха всевъзможни неправителствени организации, съсредоточили са огромен финансов ресурс и упражняват в голяма степен контрола над обществените структури.“

Тоа е онаа Америка која сака да владе, сака да нѐ владее, ама не сака да ја понесе одговорноста од своето владеење. Така доаѓа новото време, вистинскиот наследник на старите страсти, насилија и безкомпромиси по однос на демократијата и правата на човекот…и уште еднаш Радева: “По подобие на отколешните си учители от север, нашите „преоблечени“ идеологически деца на червената номенклатура, част от репресивните органи, от политбюровската върхушка, снахи и любовници на властниците от времето на цъфтящия социализъм, искат да ни наложат нова диктатура, този път не пролетарска, а олигархична; диктаторът няма да е генерален секретар, а президент-наместник на руския.“

Така стигнуваме до Навални, до неговата бескомпромисна борба за слобода, до неговата жртва на олтарот на слободата. Треба да бидеме чесни и да си признаеме. Сите, буквално сите знаевме каков ќе биде неговиот крај во путиновата Русија, се чекаше само моментот и начинот на неговата ликвидација…а целиот свет стоеше и чекаше, парализиран во сопственото си бездејствие и неспособност.

Веќе неколку дена се говори за “телото на Навални“…треба да биде предадено на неговата мајка и погребано на достоен начин и соодветно место. Малкумина веруваат дека путиновата олигархија ќе го предаде телото. Конечно, тоа и воопшто не е важно. За Навални и сличните на него, за нас останува духот на слободата и непомирливоста со робството, непомирливоста со тиранијата врз човечкиот дух. Тоа би бил неговиот завет. За алкохолизираниот, депресивен и политички непросветен обичен руски човек, тој завет е мислена именка, но за нас овде, тоа треба да биде предупредување.

Не е само Путин наследник на Џугашвили. Ги имавме и сѐ уште ги имаме и овде, во оваа земја која не беше поштедена од повоеното комунистичко насилие. Бласфемично си личат имињата и статуите на Тито пред гимназиите во македонските градови, на оној Тито кој беше нашиот најголем сталинист, па по урнек на неговиот учител, го формира злослутниот Голи Оток. На титовите југословенски фантазморгии, принесоа жртви и македонските патриоти, обвинувани за михајловисти, фашисти, нацисти, бугараши, агенти на странски служби и ред други нечовечки навреди на нивните ликови. Стравично изгледаат напорите “да се преиспита“ и личноста на Колишевски и неговиот придонес за развитокот на македонската нација и држава.

Низ “сѐправославните и сѐсловенските“ пространства, никогаш не престанала желбата да се амнестираат насилниците. Имињата на Георги Димитров, Димитар Благоев, Милован Ѓилас, Лазо Колишевски, Тито, Методи Шаторов-Шарло, Абаз и ред други злосторници, го бараат своето место во некаков пантеон на добрите и напредните. Тоа се само зборови со празна суштина. Југомакедонизмот на Лазо Колишевски, насаденото туѓо ткиво на македонскиот идентитет, внесе такви промени во нашето поимање за себе сѝ, што сеуште не можеме да се ослободиме од проклетството да припаѓаме на непостоечка држава. Носителите на тие појави, не треба да се меѓу нас.

(Само)жртвата на Навални на Олтарот на слободата треба да биде патоказот на прогресот во општеството кое сакаме да го изградиме. Неговиот дух и почитта кон неговото дело, треба да се нашата мисла-водилка во демократската иднина.

Бавното и долготрајно умирање на Навални беше очекувано, неговото саможртвување, треба да биде предупредување за нас. Споменувајќи го него, никогаш не треба да ги заборавиме оние безбројни жртви во големите чистки, одамна пред неговото време…треба да внимаваме на својата иднина!

Слични Објави