| | |

По шините на историјата: како настанала првата бугарска железница

Идејата за изградба на железнички линии на Балканот се родила за време на Кримската војна (1852–1856 година). Една од главните бази за снабдување на западните сојузници што се бореле против Русија било пристаништето во Варна. Најголемиот дел од товарите таму пристигнувале по Дунав од Централна Европа. Првично, претприемачите предвидувале прокопување пловни канали од Русе до Варна и од Черна Вода до Ќустенџа. Но еден решавачки настан од Кримската војна ги променил плановите, пишува Радио Бугарија.

Опколените руски трупи во Севастопол гладувале и им недостигала муниција. Но руските транспортни колони, насобрани на северот на полуостровот, не можеле да се пробијат низ калта. Истата судбина ги снашла и силите што го опседнувале градот. Нивните бродови биле преполни со храна и оружје, но товарите не можеле да бидат пренесени од брегот до позициите на Французите, Англичаните, Турците и Пиемонтците. На крајот, исходот на битката, а потоа и на војната, бил решен со изградбата на железничка линија долга неколку километри. Силите што го опседнувале градот добиле сè што им било потребно за победа, а Русија капитулирала.

Наместо пловни канали, кои во летните месеци би имале недостиг од вода, а во зима би замрзнувале, султанот во 1857 година доделил концесија за изградба на линиите Черна Вода – Ќустенџа и Русе – Варна. Првата ја опслужувала трговијата по Долниот Дунав, во Бесарабија и Галац, а втората го скратувала патувањето меѓу Лондон и Истанбул за неколку дена. На 4 октомври 1860 година била пуштена во употреба првата железничка линија на бугарските земји, долга 64 километри — Черна Вода – Ќустенџа, која денес се наоѓа во Романија. Тоа била и првата железница изградена во границите на тогашната Османлиска Империја.

За изградбата на линијата Русе – Варна се натпреварувале англиски и француски компании. Дури и трговци од Шумен се осмелиле да побараат да ја градат линијата, но на Бугарите им била наменета само улогата на работна сила и подизведувачи за набавка на трупци и камен. Сите потребни алати и машини биле увезени од Англија.

Во 1863 година, англиската фирма „Вилијам Гладстон и браќата Баркли“, која веќе ја изградила линијата Черна Вода – Ќустенџа, под називот „Железничка компанија Русе – Варна“ го добила правото за изградба и експлоатација на железницата во рок од 99 години. На 21 мај 1864 година во Русе бил означен почетокот на изградбата. Две години подоцна пругата во најголем дел била поставена, но сè уште имало недовршени делници.

Управителот на Дунавскиот вилает, Ахмед Мидхат-паша, кој важел за реформатор, брзал да му ги прикаже резултатите на султанот Абдул Азис. На 7 ноември 1866 година тој патувал со воз од Русе до Варна, без да мора да се префрли на коњ или запрежна кола, и ја прогласил линијата за отворена. Сепак, повеќе делници на трасата долга 224 километри биле довршувани дополнително.

Англиските инженери, водени исклучиво од интересите на компанијата, ги поставиле шините по права траса, со малку мостови и со минимален број свиоци и минимални ископувања. Поради тоа, дури и стратешки важниот град Шумен останал на 20 километри од железничката пруга кај Каспичан.

Во 1873 година османлиската влада ја пренела концесијата за линијата на друштвото „Источни железници“ (Chemins de fer Orientaux), во сопственост на австроунгарскиот барон Морис фон Хирш. Високата порта и натаму ѝ должела близу два милиона фунти на британската компанија.

По ослободувањето во 1878 година, според Берлинскиот договор, Кнежевството Бугарија го презело и овој османлиски долг. По сложени преговори, во 1888 година Британците добиле од Бугарија надомест од 44.500.000 златни лева. Цената била четирипати повисока од реалната. Со тогашен годишен државен буџет од 42 милиони лева, Бугарија го зела својот прв заем од Англија за да го покрие долгот и со текот на времето, заедно со каматите, исплатила повеќе од 52 милиони златни лева.

Но парите тогаш не биле најважни. Првата железничка линија во Англија, од Ливерпул до Манчестер, била изградена во 1825 година. Во Франција возот почнал да сообраќа во 1832 година, а во Германија во 1835 година. Во средината на XIX век во Европа имало повеќе од 23.000 километри железнички пруги.

По ослободувањето на Бугарија во 1878 година, од вкупно 1.100 километри железнички линии во Османлиската Империја, 1.000 останале во Кнежевството Бугарија и во Источна Румелија.

Железницата во тоа време не само што ја поврзувала Европа со Ориентот и ја олеснувала трговијата, туку носела и цивилизација и современ начин на живот. Не е случајно што многумина бугарски револуционери и борци за слобода биле вработени токму во железниците или работеле за нив.

Слични Објави