МАКЕДОНСКАТА ГОЛГОТА (4)

Никогаш не замислував да ја започнам колумнава со одговор на некој коментар, но со должна почит кон госпоѓата Olgica J. Nakevska решив да одговорам на нејзиниот коментар, каде што вели: „…Bugarin najdovte da ni objasnuva za slovenskoto prosvetitelstvo?“ (ве молам, ако сте Македонка користете кирилица, бидејќи ние сме од словенско потекло, не од латинско).
Роден сум во Република Македонија како Македонец, од татко и мајка Македонци, а денес живеам во Република Северна Македонија. За жал моите родители не се свесни за нашето историско минато (не ги обвинувам), бидејќи растеле и се воспитани во едно друго општество (во кое и вие растевте и бевте воспитани), кое општество мислено и систематски уништуваше секаква пројава на бугарски елемент кај народот. Значи јас не се родив како Бугарин или како македонски Бугарин, се родив како Македонец и бев задоен како и секој Македонец со погрешна и лажна историја, со љубов кон Југославија и Русија, а омраза кон Бугарија и Западот (ЕУ и САД). Но, бидејќи бев (и уште сум) голем љубител на историјата (не сум историчар), читав многу и различни истории (не само македонската) и доста млад, чинам беше почетокот на втората декада од мојот живот, дојдов до сознание дека нашите предци биле/се чувствувале за Бугари. Тогаш си реков: „Ако било така, кој сум тогаш јас да се противам и да оспорувам нешто, кога тие така се пишувале и кажувале“. Така се помирив со тој факт, дека нашите предци биле Бугари. Што значи, јас сум Македонец кој си го знае своето минато, кој знае од каде потекнува, знае кои му се предците и немам никаков комплекс да признаам дека моите/нашите предци биле Бугари. Сѐ додека не си ја признаеме вистината ќе имаме проблем и сите ќе ни бидат виновни.
Јас не напаѓам никого, ниту пак терам и очекувам некој да верува во ова што го пишувам, секој си има право да верува и мисли што сака, но вистината е една и не може да се сокрие, кога тогаш ќе излезе на виделина (Вистината е поголема и од светлината, но кој може и сака да ја види – Тодор Александров). Едноумието заврши. Тоталитарните, диктаторски, угнетувачки и слободно може да кажам робовладетелски режими пропаднаа. Денес светот е едно отворено општество, свет на слобода, демократија (не дека верувам во владеењето на демократијата), свет на информации, интернет… Денес ако некој сака да дознае нешто, слободно може (како што кажуваме) да изгугла и да дознае сѐ што сака. Во ова време не може некој некого да излаже – сѐ е на дланка, сѐ е пристапно, па и историјата.
Во претходниот дел пишував за тоа како Црквата ја одиграла најголемата и најзначајна улога за духовна, културна и национална просвета и преродба. Првите просветители и преродбеници биле од Црквата: Свв. Кирил и Методиј, Свв. Климент и Наум, Св. Пимен Зографски, Св. Пајсиј Хилендарски, Кирил Пејќинович, Теодосиј Синаитски, Јоаким Крчовски, Неофит Рилски, Партениј Зографски и плеада други црковни отци. Црквата е таа која ги постави темелите на нашата држава и нација. Не само што ги постави, туку со Божја помош и ги одржа до ден денешен. Но, за тоа пишував претходно.

loading...

Овој дел ќе го започнам со најмрачниот период од нашата македонска историја – „Периодот помеѓу двете светски војни“. Тоа е период кога Македонија е окупирана, тероризирана, угнетувана, измачувана, касапена од страна на Србија и Србите. Тоа е период кога Македонија е во границите на кралството СХС (Кралство на Срби, Хрвати и Словенци), во кое кралство никој, освен Србите, немаше никакви права. Да се кажеш за Бугарин или Хрват, да се бориш за слобода на Македонија и Хрватска, со сигурност веднаш ќе ти летнеше главата. Бидејќи тоа кралство беше само на парче лист хартија кралство за јужните Словени, кое подоцна во 1929 год. се преименува во Југославија, а всушност во пракса беше Србославија. Најжално е, што тоа, ќе го наречам српско кралство, беше милениче и на Европа и на Русија.
Тука сакам да го поставам прашањето, бидејќи Македонија е во границите на тоа ѕвероподобно кралство, зошто во името на кралството не стои никаде „и кралство на Македонците“? Зошто Македонците се изоставени? Не сакам да навлегувам во тоа како тогаш населението во Македонија се чувствувало, но според името на територијата требало да го впишат тој народ и во името на кралството, ако толку тие, Србите нѝ биле ‘ослободители’ и ‘браќа’. Или пак станува збор за нешто друго, за вековниот сон на секој Србин – Голема Србија.
За тој период пишува и францускиот журналист Анри Пози во својата книга „Војната се враќа“. Во неа тој ги опишува многуте ѕверства кои се извршени врз македонските Бугари и Хрвати од страна на Србите. Така во неговите записи ќе го прочитаме следново:
„Треба човек да бил таму, каде што ја спроведов анкетата – во таа бугарска Македонија, којашто трепери од беспомошен гнев под петата, која ѝ го смачкува вратот; и во таа Хрватска, каде што едни од најкултурните европејци се ограбени, поробени, убивани од нивните ‘родни браќа’…“.
За тој период пишува и во книгата на струмичанецот Димитар Галев „Белиот терор во Југоисточна Македонија 1912-1941 книга втора“ (http://www.strumski.com/books/beliot_teror_kniga_2.pdf) издадена 1991 во Штип (Димитар Галев поради своите залагања за (кон)федерација помеѓу Македонија и Бугарија е прогонуван од власта во Македонија, сменет е од должноста окружен инспектор на просветата во Струмица, со години водеше судски процеси со владата). За тој период, кој според Србите и србоманите во Македонија (најверојатно и во Србија) е ‘ослободување’ на Македонија, може да се прочита и во спомените на радовишанецот Коце Ципушев „19 години во српските затвори“, кој е зет на Тодор Александров, кум му е Гоце Делчев, а пак Даме Груев му е сват. Бил измачуван 19 години во различни затвори по цело кралство, само затоа што се чувствувал за Бугарин.
Каде е тука слободата на изразување?! Слободата на самоопределување?! Зошто е грев да си Бугарин?!
И за кое ослободување зборуваат Србите и србоманите?! Од кого ослободување? Да, за нив слобода, бидејќи Бугарија беше поразена во војната (со сите добиени битки), но за нашиот македонски народ настапи мрачен и тежок период. Настапи Голготата за Македонија. Ни Турците не беа толкави ѕверови, какви што беа Србите (и Грците не беа ништо подобри).
Колкумина Македонци знаат за убиството на Бигорскиот игумен Партениј во 1918 година од страна на српските војски? Бидејќи не сакал да се откаже од својата бугарска народност и Егзархијата, бил искасапен и фрлен во реката Радика. (поздрав до Ким Мехмети; за неговите лаги и невистини изнесени за порталот БГНЕС ќе пишувам во некоја друга колумна)
Слушнал ли некој за убиството на галичкиот свештеник и зограф Овентиј и тројцата сограѓани со него? (Галичник во тоа време бил град) Ќе цитирам што за тоа запишал јеромонах Кирил од манастирот Бигорски по пронаоѓањето на нивните коски: „…Божјата промисла на еден невообичаен начин го отстрани велот на незнаењето, што речиси едно цело столетие го криеше од очите на луѓето неправедното убиство на галичкиот свештеник и зограф, отец Овентиј Исаиев Фрчкоски и на уште тројца негови сожители, убиени во една ноемвриска ноќ, во премрежната 1918 година… Вештачењето потврди дека навистина станува збор за коски на двајца мажи, на средовечна возраст, измачувани и убиени со стрелање. Балистичкото испитување, пак, докажа дека биле истрелани куршуми од француски и германски пушки, кои во тоа време ги користела српската војска“. Местото каде што се убиени четворицата галичани, ростушани го нарекле „кај поповите“. (https://bigorski.org.mk/istoriski-temi/100-godini-od-edno-zaboraveno-sobitie/)
Дали на некој Македонец му е познат настанот за Гарванската Голгота? Сигурно не. Или пак се реткост таквите што знаат за овој немил и крвав настан. Тој настан се случил на 2 март 1923 година во село Гарван, Радовишко, каде што најпрво селото е гранатирано, потоа жените се обесчестени од српските војници, а 28 мажи врзани со јажиња се изведени надвор од селото. Тие паднати на колена молеле да не ги убиваат. Српскиот жупан Матковиќ, кој имал задача да ги гони комитите, ги прашал селаните: „Каде се комитите?“ Бидејќи тие не му одговориле ништо, тој наредил селаните да бидат стрелани. Од убиените најмладиот имал 12 години, а најстариот 65 години.
Кој знае пак за ММТРО – Македонска Младинска Тајна Револуционерна Организација? Сигурно само тие што во Македонија се означени како „Бугараши“. ММТРО е организација создадена од ВМРО (во 1922 год.) и која делувала внатре во границите на кралството на СХС т.е. кралска Југославија (во Вардарска Македонија) и Грција (Егејска Македонија). Сите членови се млади Македонци интелектуалци, ентузијасти со голема љубов кон својата татковина. Но, за жал, се предадени и провалени во 1927 година. Против нив се води судски процес, кој во историјата е запаметен со името „Скопскиот студентски процес“. Благодарение на Велимир Прелиќ, кој бил полковник во српската полиција и советник на губернаторот на Вардарска Бановина, осудените се подложени на жестоки измачувања – стегање на главите, кршење на рацете и дури ги закопувале живи заради нивното бугарско самосознание.
Тука треба да го споменеме и подвигот на тетовката Марија (Мара) Бунева. Таа хероина станала член на ВМРО благодарение на нејзиниот брат Борис и добила задача лично од Ванчо Михајлов да го убие ѕвероподобниот Србин, џелатот на Македонија и Македонците, Велимир Прелиќ. На 13 Јануари 1928 година Мара Бунева го застрелува Прелиќ во центарот на Скопје кај Камени мост, а потоа самата се застрелува во гради. Пред да умре, Бунева рекла: „Заради мачењата коишто тој ги изврши над моите браќа студенти. Затоа што си ја сакам мојата татковина Македонија.“ Марија Бунева умира на 14 јануари.
Во 1941 година на Камениот мост била поставена спомен плоча на Мара Бунева, која во 1944 година по заповед на србоманот Лазар Колишевски е рушена. Денес имаме една мала плоча која го одбележува нејзиниот подвиг. Најжално е што Македонците ја кршат таа плоча, притоа не знаејќи ја вистината за Мара Бунева.

Паралелно со машката патриотска организација ММТРО, имало и женска патриотска организација ТКПОМБ – Тајна Културно Просветна Организација на Македонските Бугарки, создадена во 1926 година. Целта на ТКПОМБ е запазување на бугарската народност во Вардарска и Егејска Македонија кои останале под српска и грчка власт. Организацијата суштествува до 1928 година. Една од активистките е штипјанката Роза Којзеклиева, која во 1945 година е уапсена и подложена на мачење и терор. Осудена е на 11 години затвор во Идризово, но таа умира во третата година од затворската казна. Приложувам дел од нивниот Устав (http://www.strumski.com/books/Устав%20на%20македонските%20българки.pdf):
ЦЕЛ
Чл. 1 – Македонските Бугарки, каде и да се наоѓаат, се организираат во дружини со цел:
а) Да ја запазат својата и на децата бугарската националност од србизирање, погрчување и секое друго претопување;
б) Да ја одржуваат будна својата и љубовта на своите блиски кон распарчената и поробена татковина.
СОСТАВ И УРЕДУВАЊЕ
Чл. 2 – Членка на Тајната Културно-Просветна Организација може да биде секоја полнолетна описменета Бугарка Македонка – девица или мајка, која копнее по својата националност и знае да чува тајна.
Чл. 3 – При пристапувањето во Организацијата секоја членка ја дава следната заклетва:
Се колнам во името на Бога и Татковината, во честа и совеста да работам за зачувување на нашата бугарска националност во Македонија под грчко и српско владеење.
Се колнам секоја членка на Организацијата да ја гледам како своја родена сестра и да и помагам во случај на потреба со сѐ што е во мои сили.
Се колнам да ги исполнувам наредбите и одредбите на овој Устав како и распределбите на водечките тела на Културно-Просветната Организација.
Се колнам да запазам во тајна сѐ што се однесува за споменатата Организација.
Ако ја прекршам оваа заклетва, нека бидам накажана од Бог, презрена од сестрите членки и исклучена од организацијата.

Сеќавајќи се на српската окупација на Македонија по Првата светска војна, во своите спомени Илија Станоев (роден 1892 година) од село Двориште, Беровско, забележува: „Новите окупатори уште од првите денови почнаа да уништуваат сè што е бугарско, како што велеа, зашто за македонско не сакаа ни да слушнат. ’Македонско не постои!‘, ни велеа. Такво нешто не признаваа. Уништуваа книги, ракописи, весници, фотографии… Воведоа српски јазик во училиштата и црквите, доведоа српски учители и попови. Бугарските попови ги прогонуваа и затвораа. Некои од нив беа и убиени. Почнаа да им ставаат српски имиња на бебињата во црквите. Ги прекрстуваа и возрасните, додавајќи им ’иќ‘ на презимињата. Правеа и други однародувачки работи. Им пречеа дури и капите на луѓето, каскетите. Ги тераа да ги фрлаат и да ги заменуваат со шајкачи… Луѓето од страв да не бидат затворени, почнаа да бегаат во Бугарија“ (Михаил Белдедовски, Малешевски малеења. Предавства и убиства, Скопје 2016, 32). (https://bigorski.org.mk/istoriski-temi/mpc-oa-niz-prizmata-cia/)
Потоа тука се четите на дејци од ВМРО на Иван Јанев Брлев – Брло, Панчо Михајлов Апостолов Мечкаров – Чавдар, Георги В’ндев Гошев – Вардарскиот херој, Лазар Велков Тодев – Дивљански, Петар Станчев, Стефан Петков – Сиркето, Дончо Христов, Ефрем Чучков, Тодор Стојчев – Сопотски, Крсто Лазаров Иванов – Коњушки и други кои водат неуморни борби против српскиот ‘ослободител’.
За периодот помеѓу двете светски војни односно за српскиот терор во Македонија има многу да се пишува, што една колумна би била многу мала (може да се напишат томови книги) и не би можела да ги собере сите нечовечности што ги имаат вршено ‘браќата’ Срби врз мирното македонско население.
Да се вратиме само неколку години наназад и да погледнеме што пишува за нашите ‘ослободители’ во книгите на нашите револуционери.
За српските ѕверства во Македонија од 1912-1915 пишува револуционерот Кирил Прличев (син на Григор Прличев) во својата книга „Сръбскиятъ режимъ и революционната борба въ Македония (1912-1915 година)“ издадена во Софија во 1917 година. Еве извадок од неговата книга:
„…Уште при влегувањето во Македонија, Србите покажаа негативен однос кон месното бугарско население… Насекаде тие на српски прашуваа: Какав си ти?, на што добиваа ист одговор: „Бугарин“… Тие јавно негодуваа и побеснуваа при секое слушање на бугарски збор, бугарско име, бугарски чувства… Градовите беа наречени со српски имиња, улиците во градовите исто беа наречени со српски имиња, натписите на продавниците задолжително требаше да бидат на српски. Секој задолжително требаше да додаде на своето презиме „иќ“, свештеникот во Црквата да служи на српски, владиката да го спомнува само името на крал Петар, богомолецот да се моли на српски, учителот да предава на српски, а ученикот секој ден при влегувањето во училиштето задолжително да каже: „ја сам прави србин“… Се затвораат бугарските училишта и се отвораат српски; се уништуваат бугарските книги и се заменуваат со српски… Народот поради теророт и насилието почнува да се револтира, гневи и негодува, па дури и возмутената од насилие ученичка душа, која плачејќи ја испраќаше следната интимна исповед – протест пред Бога против задолжителната декларација при влегувањето во српско училиште: „Господи, прости ми, јас не сум србин!“
На 17 јуни 1913 год. биле уапсени учители од Битола бидејќи откажале да си ја сменат народноста и да потпишат декларација дека се срби и покрај заканите дека ќе бидат застрелани…
Јеромонах Софрониј, игумен на кичевскиот манастир „Пречиста“ бил застрелан од србите, а истовремено со него, неговиот неразделен во животот и смртта другар, свештеник Георги Поп Ангелов од село Слатино, Охридско, бил распнат од србите како Исус Христос…
Во село Велгошти, Охридско, србите застрелаа 12 души Бугари поради учество на тоа село во востанието против српската власт во месец септември 1913 год.
Во Скопје српскиот престолонаследник и удрил шлаканица на невиното девојче Васка Зојчева (од Прилеп), само затоа што на прашањето од каква народност е, таа одговорила дека е Бугарка“.
Па ако србите беа ослободители, зошто тогаш нашиот народ дигна, не едно, а две востанија во 1913 година?! Едното е Охридско – Дебарското востание на четите на ВМРО заедно со Албанците, другото е Тиквешкото востание, исто така бунт на ВМРО и Македонскиот народ против српската тиранија.
Најпрво ќе споменам дека српскиот командант во Кавадарци во 1912 година ги собира видните граѓани и им соопштува: „Вие сте стари Срби. Бугарите ве асимилираа. Сега, кога ние сме тука ќе си бидете пак Срби. Ако не го прифаќате тоа што ви го кажувам, сите ќе ве убијам.“
Во село Ваташа (селото каде што Бугарите ги убија оние млади комунисти во 1943 год.) на 13 Јуни 1913 година е свикано второто заседание на ВМРО на кое се решава да се дигне востание во Тиквешко против српскиот окупатор. Во Ваташа е откриена четата на ВМРО на чело со Дончо Лазаров и започнуваат борби со српските војски и турски чети, кои се испратени од српските власти. До 19 јуни ослободени се Неготино и Кавадарци. Српската војска (испратена е 30.000 војска на чело со Јован Стоилков Стојков – Бабунски, србоман и Василије Трбиќ, кој сакал да биде монах на Света Гора) не можејќи да ги преземе градовите, започнува да ги пали селата и да убива невини луѓе. Востаниците бараат помош од Бугарија, но поради Букурешкиот мировен договор Бугарија не смее да го помогне востанието и да испрати војска во Македонија. Востаниците се поткрепени од четите на Христо Чернопеев (чистокрвен Бугарин), Васил Чакаларов и Петар Чаулев. Но, раководството решава борбите да прекратат, бидејќи без помош од Бугарија би дошло до масовно уништување на градовите, селата и до колеж на населението. Така на 25 јуни српски војски влегуваат во Кавадарци и опожаруваат 60 куќи и дуќани, а сите заробени ги убиваат. Во Неготино се изгорени 750 куќи и дуќани. А во село Ваташа од српските војски се убиени 40 души.
Ваташа инаку дава и доброволци во Балканските војни во Македоно-одринското ополчение. Српски четници од „Црна рука“ во јануари 1913 година во Ваташа спроведуваат обезоружителна акција, проследена со жестокост и насилие. Српскиот офицер Милан Карковиќ ја силува Марија Тодорова ден после нејзината свадба.
Зошто кога се збори за селото Ваташа не се споменува овој српски терор врз нашето население?! Зошто не се споменува учеството на ваташани во Балканските војни на бугарска страна?! Зошто не се споменува дека ВМРО барала помош од Бугарија?! Па, нели ние немаме ништо заедничко со Бугарија?! Или имаме само кога ќе ни дојде јајцето на газот (извинете, но така се изразуваме по народно).
И треба ли да молчам за овие немили настани, да ги кријам, плашејќи се да не ми се случи нешто?! Одговарам со зборовите на францускиот журналист Анри Пози: „Немаш право да молчиш кога ќе научиш макар и дел од вистината, непознавањето на вистината може да биде фатално за твоите сонародници. Треба да ја искажеш на висок глас, па што и да стане со тебе!“

Автор: Тодор Вангелов



loading...

Продолжува…

Третиот дел од колумната можете да го прочитате овде.