Видео проектот „Коридор 8“ има за цел да ги поврзе луѓето од Бугарија и Македонија на еден директен начин, без сценарио, без монтажа, без сензационализам и без нарачани теми.
Во македонско-бугарската седенка се добредојдени сите луѓе кои имаат желба да раскажат некоја позитивна приказна која поврзува. Ако сакате да бидете дел од седенката, доволно е да имате добра интернет конекција, камера и микрофон.
Синоќа се случи и првиот подкаст во живо, во којшто учество земаа гостите Стјепан, Милко и се разбира домаќините: Георги и Тане.
Се надеваме дека ова видео ќе ви биде интересно:
„Ние, обичните луѓе од Бугарија и Македонија го земаме во наши раце спроведувањето на Договорот за пријателство и добрососедство. Ние креаторите на „Коридор 8“ сме Македонец од Македонија и Тракиец од Бугарија, потомци сме на ВМОРО-вски комити и ги почитаме М и О в Организацијата, која ги носеше Македонија и Одринско дури до 1913 г.
Нашите дедовци беа браќа во една заедничка борба- како можеме ние да не бидеме браќа и да ги прескокнем нивните гробоци?
Затоа, ги собираме повторно разделените парчиња на целото. Во нашите емисии ќе зборуваме за нормални човечки работи: чија ракија е поубава, со кромид ли ги правите ќофтињата, што ќе правиме за Нова година и уште многу работи…
Многу години бевме разделени, имаме да научиме многу работи едни за други. Не сакаме наместо нас да зборуваат УДБА и КГБ. Ќе ја разбиеме југословенската „Железна завеса“ меѓу нас и ќе создадеме простор без омраза, простор на доверба и поддршка“, стои во обраќањето на креаторите на проектот Георги Станков и Атанас Величков.