С. МАКЕДОНИЈА-ГРЦИЈА ПРЕГРАТКА НА СМРТТА (6)

Грдите споменици на античките херои во Скопје и низ целата Македонија, не се само невкус, или пак, што е најмалку важно, некакво перење на пари. Важното е што на нив стои плочка дека тие се дел на античката-хеленската култура и историја на македонското поднебје. Така, ние сме единствената држава која има изобилие на паметници на туѓа култура, повеќе отколку на своето наследство. Нека не се повеќе, но сигурно се поскапи. Вака гледано треба да помине само малку време, за во Македонија да почне процесот на реелинизација на земјата и населението. Ако нашите историчари сметаа дека било трагедија за македонскиот народ формирањето на Бугарската Егзархија, ете им сега шанса, одново да се вратат назад, кон грците-современите ромеи и ние одново да станеме “ром милет”. Па со “новите” преговори, Мицотакис може само да ни го понуди неговото единствено решение, прокламирано како “Централна Балканска Република”. Така ќе изгледа разрешувањето на македонскиот Гордиев јазол: од ром-милет, преку бугари-егзархисти, па јужносрбијанци, па македонски југословени, па македонци, за конечно да се усталиме на првичното решение-ромеи. Султани веќе нема, но Ердоган е тука, ако треба и тој ќе помогне. Ние ќе бидеме реализаторите на неговиот сон, мостот кон Атина. Затоа во некои предели на Македонија засилено се учи грчки и турски. Наводно, требало заради бизнисот. Ветар на магла, грците кај нас сите научија македонски, побрзо отколку ние грчки за петстотини години под турците. Грчки знае и оној лажен крал на Хунзите, кого груевистите го шетаа низ земјава. Така, ем ќе се разбереме со братучедите од Памир и Хималаите, ем ќе летуваме на Егејот без никакви пречки.

Луѓето велат дека “надежта последна умира”. Овде не се работи нито за некаква надеж, нито пак за илузија дека нештата може да се променат. Ова е обично, гнасно лажење на овој напатен народ, закопан во своите предрасуди и лошото образование. Глупостите “каде ќе се вее сонцето од Вергина”, служат само да му ја одземат на овој народ последната капка од одамна изгубеното достојанство. Не е достоинството во знамето од Вергина. Достоинство е да имаш банки, индустрија, сервисни служби, образование, безбедност и силна валута заради кои нешта ќе бидеш почитуван. Сиромашните со  пари и дух, никој не ги сака, па макар сите заедно цел живот да го вееме Сонцето од Кутлеш и да го избришеме од сите речници зборот “север” сосе сите придавки од него.

(КРАЈ)

Автор: Владимир Перев, новинар

Првиот дел од анализата можете да го прочитате овде.

Вториот дел од анализата можете да го прочитате овде.

Третиот дел од анализата можете да го прочитате овде

Четвртиот дел од анализата можете да го прочитате овде

Петиот дел од анализата можете да го прочитате овде

МАТЕРИЈАЛОТ Е ПРЕВЗЕМЕН ОД WWW.FAKTOR.BG

ПРЕВОД: РЕДАКЦИЈА ТРИБУНА